
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши денеска остварил проштална средба со Шеик Јасим Бин Хамад Ал-Тани, вршител на должност во Амбасадата на Државата Катар.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата присуствувал и пратеникот Салим Сулејмани, претседател на пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив.
Гаши изразил благодарност за исклучителната соработка и значајниот придонес на Шеикот Ал-Тани во продлабочувањето и зајакнувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Државата Катар за време на неговиот мандат.
Спикерот Гаши ја нагласил значајната улога на парламентарната дипломатија во развојот на севкупните билатерални односи и потребата за интензивирање на соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар.
Вршителот на должност Ал-Тани ја потенцирал позитивната улога на Македонија како фактор на стабилност во регионот и ја нагласил поддршката од Државата Катар за европската интеграција на нашата земја.
Како што информираат од Собранието, на средбата била изразена заемна подготвеност за понатамошно интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете пријателски земји и за продлабочување на дијалогот на сите нивоа, а особено за унапредување на економските и трговските односи.
Претседателот на Собранието му посакал на Шеикот Ал-Тани успех во идните професионални ангажмани и изразил надеж дека добрите односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат во наредниот период.