Skip to main content

Пронајдени документи во списите кои никогаш не биле формално доставен до судот, пресуда темелена на подметнати документи – зошто се разрешени судијките Савовска-Димитровска Роза Георгиева

Freepik

Со девет гласа „за“, Судскиот совет на Република Македонија повторно донесе правосилна одлука за разрешување на апелациските судијки Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева, членки на судечкиот совет кој ја донесе контроверзната второстепена пресуда во предметот „Телеком–Фокуснет“. Третата судијка во предметот, Јетмире Ајдини Бошњаку, беше санкционирана со парична казна.

Клучните причини за разрешувањето се детално образложени во одлука на Судскиот совет на над 70страници и се однесуваат на тешки и повеќекратни повреди на судската постапка.

Две различни, но клучни повреди: „неизведени докази“ и „подметнати документи“

Еден од клучните наоди на Судскиот совет е дека во предметот „Телеком–Фокуснет“ постојат документи кои никогаш не биле формално доставени до судот како докази, никогаш не биле изведени како докази во судска постапка, а биле пронајдени во списите при контрола од комисијата формирана од членови на РСС.

И покрај тоа што овие материјали не биле предмет на расправа, не биле презентирани на рочиште и странките немале можност да се изјаснат за нивната содржина, Апелацискиот суд ги земал предвид при донесувањето на пресудата, што претставува тешка повреда на принципот на контрадикторност и правото на фер судење.

Посебно и дополнително, Судскиот совет утврдил и постоење на подметнати документи во судските списи, кои не биле ниту предложени, ниту доставени од странките, ниту пак биле дел од законската доказна постапка, но сепак биле искористени како основа врз која се темели целата второстепена пресуда.

Токму овие подметнати документи, според наодите на Советот, биле клучни при утврдувањето на наводната штета и пресметката на речиси четирите милиони евра „изгубен профит“. Судскиот совет ваквото постапување го оцени како една од најтешките повреди на судската постапка, бидејќи суд не смее да одлучува врз основа на материјали што не се дел од законски изведена доказна постапка.

Советот одлуката ја донел за начинот на кој била донесена самата пресуда, а не за самата пресуда. Се користеле докази кои никогаш не биле процесуирани и документи чие потекло и законитост се сериозно доведени во прашање — што било директна причина за разрешувањето на судијките. Овие наоди отвораат сериозни сомнежи за манипулација со судската документација.

Причините се процесни, не политички

Судскиот совет, според информации на Република, наведува дека разрешувањето не е резултат на различно правно мислење или оценка на доказите, туку на утврдени факти за користење неизведени докази, подметнати документи и сериозни повреди на судската постапка. Токму овие причини биле доволни за да се утврди дисциплинска одговорност на двете судијки.

Поради индициите за можни кривични дела, предметот е доставен и до Јавното обвинителство, кое води предистражна постапка, додека Врховниот суд сè уште одлучува за законитоста на самата пресуда.

Поврзани вести