
Со воведни зборови на одбраната денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Денешното рочиште продолжува со воведни зборови на одбраната на 26-то обвинетиот Шефкет Хазири од Министерството за економија, откако на вчерашното рочиште одбраната на обвинетите поранешни министри за економија директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) негираа вина и го оспорија обвинението тврдејќи дека немале законски надлежности ниту фактичка моќ да влијаат врз трагичниот исход од пожарот, предизвикан од пиротехника несоодветна за затворена просторија и употребена спротивно на закон за пиротехнички средства.
Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.
На вчерашното рочиште одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во својот воведен говор рече дека причинско-последична врска во дејствија на обвинетиот Бектеши, спротивно на законски обврски по кои е должен да постапува нема, ниту Министерството со кое управувал има надлежност за инспекциски надзор, додека дејствие на извршување е предизвиканиот пожар од пиротехника несоодветна за затворена просторија и употребена спротивно на закон за пиротехнички средства, без задолжително одобрување од МВР за користење во затворен простор.
Одбраната на поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини, во својот воведен говор рече дека лиценците согласно закон имаат важност од една година, а лиценцата од 2012 година не значела дозвола на „Класик М“ да обавува дејност на друга локација, да биде дискотека наместо кабаре, да прима прекумерен број на луѓе и малолетни деца пред или после полноќ и во истата да се внесуваат и користат пиротехнички средства на недозволен начин.
Одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, пак, оцени дека обвинението е правно погрешно и без факти кои го поврзуваат со трагичниот пожар. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска предупреди дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“. Џаферовски лично порача дека „совеста му е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.
Поранешниот директор на ДЗС Шабан Салиу, во својот воведен говор, кажа дека во периодот од 2012 до 2017 година во ДЗС никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабаре „Пулс“, ниту барање или пријава од правно или физички лица за објектот.
Досега воведен збор, покрај обвинителството, даде одбраната на првообвинетиот сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, сопственик на ММММ Кафе, Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Дел од обвинетите во воведните говори, ја оспорија основаноста на обвинението.
Воведен збор останува да даде и одбраната на обвинетите претставници од Министерството за економија меѓу кои Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ.
Воведен збор треба да дадат и пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Македонски







