
Од македонското Собрание денеска информираат дека рокот за пријавување за претседател на Државната изборна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заврши и оти се пријавиле вкупно 13 кандидати.
Со оглед на тоа што постапката е прекината, прекината е и административната селекција. Имињата ќе бидат познати откако ќе заврши процесот на административна селекција на пријавените кандидати. Засега може да го потврдиме само вкупниот број на пријавите, велат од Собранието.
До 15 август, кога заврши рокот, десетина кандидатури биле пристигнати до Собранието за јавниот оглас за претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Претседателот на Комисијата за прашања на избори и иманувања Ѓорѓија Сајкоски за МИА тогаш посочи дека конечната бројка би се знаела денеска откако ќе пристигнат и оние што се пратени по пошта. Нагласи дека постапката по овој оглас ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршување на локалните избори.
Во средата на 13 август собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата одржа седница на која ја формира Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК.
Формираната Комисија за селекција на кандидатите е составена од седум членови – Илбер Руфати, заменик Народен правобранител, Дарко Аврамовски, претставник на здружение односно фондација назначен за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа демократија, владеење на правото, односно членот во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество во областа владеење на правото и борба против корупција, Бардил Јашари, претставник на здружението односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.
Членовите на Комисијата за селекција се овластуваат да вршат обработка на личните податоци, при што се должни да обезбедат тајност и заштита на податоците согласно Законот за заштита на лични податоци, за што до Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе достават изјави.
Собранието на 1 август донесе Одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на ДКСК откако сега веќе поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.