Skip to main content

Пред 33 години усвоено првото македонско државно знаме – Сонцето од Кутлеш

На 11 август 1992 година, Собранието на Република Македонија со историска одлука го усвои првото македонско државно национално знаме – Ѕвездата од Кутлеш, позната и како Сонце од Кутлеш или Аргеадска ѕвезда.

Овој древен симбол, со шеснаесет зраци, е еден од најпрепознатливите знаци на античките Македонци. Неговото присуство е документирано низ вековите – од археолошки наоди, црковни фрески и народни градби, до современата употреба како симбол на македонскиот идентитет ширум светот.

Спектакуларниот примерок на Сонцето од Кутлеш беше откриен во 1977 година од професорот Манолис Андроникос, за време на ископувањата во селото Кутлеш, Егејска Македонија. Симболот беше врежан на златен ларнакс во гробниците на античките македонски владетели, за кој се верува дека припаѓал на кралот Филип II Македонски. Денес, оваа историска реликвија се чува во музејот во Кутлеш.

Од јули 1992 до 1995 година, Сонцето од Кутлеш беше официјалното државно знаме на Република Македонија. Подоцна, беше заменето со сегашната стилизирана верзија – сонце со осум краци.

Официјалниот опис на тогашното знаме го дефинира како црвено поле со златножолто сонце составено од осум основни и осум споредни зраци, симетрично распоредени околу централниот диск.

На истиот ден во 1992 година, Собранието ја усвои и македонската државна химна „Денес над Македонија“.

Сонцето од Кутлеш и денес останува длабоко вкоренето во македонската културна и историска меморија – симбол на државноста и вековната борба за зачувување на националниот идентитет.

Поврзани вести