Skip to main content

Поранешни функционери го поткопуваат СДСМ одвнатре, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, во интервју за „Независен“ вели дека поранешни функционери на партијата „стојат на страна и се надеваат на лош резултат на СДСМ на локалните избори“. Според него, поголемиот дел ја прифатиле иницијативата за соработка.

„Во изминатиот период, најголем дел од мојата енергија и време ги посветив на лични разговори со сите поранешни партиски функционери, членови и луѓе кои некогаш беа важен дел од СДСМ. Јас верувам дека партијата е најсилна кога сите сме обединети и работиме заедно за заедничка цел. Токму затоа немам задршка да разговарам со сите и да најдам начин за соработка – не заради мене, туку заради доброто на СДСМ и граѓаните кои ја поддржуваат нашата визија. На сите им е подадена рака и отворена е вратата за дијалог и соработка. Драго ми е што мнозинството од поранешните функционери ја прифатија оваа иницијатива и сега работиме заедно на зајакнување на партијата. Имам исклучително добра соработка со многумина“, вели Филипче.

„За жал, има мал број поранешни функционери кои одлучиле да стојат настрана. Некои од нив се надеваат дека СДСМ ќе оствари лош резултат на локалните избори, па тие ќе можат политички да профитираат или да бараат одговорност од актуелното раководство. Овој пристап е нечесен, нефер и пред сè штетен – не за мене или раководството, туку за партијата и сите граѓани кои ја поддржуваат СДСМ“, вели Филипче во интервјуто за „Независен“.

Поврзани вести