
Инвестициите не носат само нови поврзувања, туку го редефинираат начинот на кој Европа се гледа себеси и својата позиција во светот, порача Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, на отворањето на Самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“ во Солун.
Тој истакна дека транспортот не е само инфраструктура, ниту само возови, авиони и патишта, туку пред сè луѓе. Како што рече, успехот често погрешно се мери во километри или тонажа, иако вистинската вредност е во поврзаноста што им овозможува подобар живот на граѓаните.
„Пациентите да стигнат до медицинска нега, студентите до образование, претприемачите до нови пазари, а заедниците да напредуваат“, нагласи Закоњшек, додавајќи дека целта на поврзаноста е создавање можности, а не само инфраструктура. Тој оцени дека регионот на Западен Балкан не е периферија, туку „срцевина на новата европска политика за поврзаност“.
Еврокомесарот за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас порача дека се неопходни континуирани инвестиции во железницата, патиштата, пристаништата и аеродромите во целиот регион.
„Само јавното финансирање не е доволно. Потребно е да се мобилизираат партнерства меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор“, истакна тој, додавајќи дека успехот на проширувањето на ТЕН-Т мрежата зависи од регионалната соработка и прекуграничната ефикасност.
Како што јави известувачот на МИА од Солун, на самитот учествуваат претставници од седум европски држави и меѓународни финансиски институции. Македонија ја претставува заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој ќе учествува на панел-дискусија за приоритетите во инфраструктурата и инвестициите во Западен Балкан, со посебен фокус на коридорите 8 и 10.
Николоски во рамки на самитот ќе оствари и повеќе билатерални средби.
Самитот е организиран од Министерството за инфраструктура и транспорт на Грција, Транспортната заедница, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, со поддршка на Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Македонски



