
Почитувани млади, без разлика на вашата партиска определеност, напиша на Фејсбук претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.
Во недела, на 19 октомври, се соочувате со избор кој не е само политички, туку и генерациски. Избор помеѓу опцијата што нуди докажан континуитет, стабилност и работа, и опцијата што нуди неоснована критика, стагнација и нескротлива желба за власт.
Често слушаме дека младите се апатични, дека не се грижат и дека едвај чекаат да си заминат. Но јас одбивам да верувам во тоа. Мојата генерација има луѓе кои одбиваат да гледаат со песимизам и да ја препуштат иднината во туѓи раце.
Јас одбирам да гледам во младите кои не се предадоа кога беше најтешко. Во младите што работат, учат и создаваат со верба дека оваа земја може да биде подобра. Во младите што ја сакаат својата држава не затоа што е совршена, туку затоа што е нивна – затоа што е дом за кој вреди да се бориш.
Нашата генерација не е изгубена. Таа е генерацијата што не бара изговори, туку решенија. Што не чека подобри времиња, туку самата ги создава. Таа што не се плаши да преземе одговорност и да покаже дека може поинаку – посериозно, поискрено и похрабро.
Затоа, не дозволувајте друг да одлучува во ваше име. Гласај, не за партија, туку за иднината во која сакаш да живееш. Гласај за твоето маало, за твоето место, твојот млад советник и за твојот градоначалник. За луѓето кои ќе бидат тука со вас и во добрите и во лошите моменти, луѓето кои изминатите 4 години докажаа, но и оние кои допрва ќе докажуваат дека нашата примарна цел во политиката е да создаваме и работиме.
Во 2021 година, ги поставивме темелите на огромен број успешни локални приказни, градоначалници блиски до народот кои го трансформираа секојдневието на граѓаните и создадоа подобри услови за сите. Со поддршка од централната власт и со нашите кандидати за градоначалници кои ќе работат неуморно, нема предизвик кој не може да се надмине, сон кој не може да се оствари и успешна приказна која не може да се испише.
Во недела, да излеземе масовно и да се обединиме зад бројот 9, за градоначалниците и советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За Македонија која и покрај сите свои несовршености, сепак е наш единствен дом, дом за кој вреди да се бориме и да изградиме иднина каква што заслужуваме самите ние, но и нашите предци и генерациите кои ги оставаме после нас.