Skip to main content

Полициски марш од 11 километри на подрачјето на Велес

Фото: МВР

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес во рамки на активностите што Бирото за јавна безбедност (БЈБ) на МВР ги спроведува во насока на унапредување на социјалната кохезија, зајакнување на физичкото и менталното здравје, односно добросостојбата на полициските службеници, како и унапредување и поттикнување на тимскиот дух и меѓусебната доверба и поддршка, денеска заеднички пешачеле на марш со должина од 11 километри на подрачјето на Велес.

Како што соопштија од МВР, маршот, на кој учествувал и првиот човек на Бирото за јавна безбедност, директорот Александар Јанев, раководството на СВР Велес, како и околу 200 службеници од СВР Велес, се одвивал по однапред определена рута во должина од околу 11 километри од селото Еловец до манастирот Свети Илија, во близина на селото Лисиче, воедно симболизирајќи ја врската помеѓу полицијата и заедницата на којашто полицијата секојдневни и служи.

– Мотивот е преку ваквите активности коишто ќе бидат во континуитет спроведувани на подрачјата на сите сектори за внатрешни работи да се нагласи и поттикне важноста кон здравиот животен стил, кон редовната физичка активност и психолошката стабилност – вредности што се клучни за успешното извршување на полициската служба. Министерството за внатрешни работи преку Бирото за Јавна безбедност ќе продолжи со поддршка и организација на слични настани, со уверување дека вложувањето во здравјето и добросостојбата, во тимскиот дух на полициските службеници претставува инвестиција во безбедноста на сите граѓани, соопштија од МВР.

Поврзани вести