Skip to main content

Перински: Општините подготвени за нов инвестициски бран – 15 милијарди денари за локални проекти

Општините покажаа подготвеност за вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти – очекуваме трипати повеќе апликации и значително економско раздвижување на сите нивоа, затоа што 15 милијарди денари се на располагање за локални проекти“ изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во своето гостување во емисијата „Програма на градови“ на Македонската телевизија.

Министерот истакна дека во овој повик се задржани истите услови како и во првиот, но со дополнителен временски период за поднесување на проектите.

Градоначалниците имаат поголем комодитет за да подготват поиздржани проектни документации, што ќе им овозможи поефикасна имплементација, нагласи Перински.

Заклучно со вчерашниот ден, од 34 општини се пристигнати 197 проектни апликации, што, според министерот, е показател за високата подготвеност на локалните власти.

Очекувам оваа бројка значително да се зголеми, а со тоа и да придонесеме за подобрување на животните услови на сите граѓани и економски развој на државата, додаде тој.

Дополнително, Перински нагласи дека Владата при проектирањето на овие мерки размислувала и за поддршка на стопанството, особено на малите компании.

Обезбедивме 250 милиони евра со повластена каматна стапка, за да им помогнеме на компаниите да се доекипираат, доопремат, да бидат конкурентни и да се вклучат во реализацијата на овие проекти, потенцира тој.

Министерот Перински информираше дека во рамки на првиот јавен повик, во вредност од 4,5 милијарди денари, склучени се договори за 288 проекти, а за нивната координација е формирано Координативно тело во кое членуваат сите ресорни министерства. Целта на оваа тело е да го координира процесот одблизу и ако се појават одредени пречки во реализацијата, истите да се надминат.

Од овие проекти, за околу 252 проекти веќе се склучени договори за избор на изведувачи, на повеќе од 50-тина се работи, се воведени во реализација. Остануваат уште 30-тина проекти кои се во фаза на објавување на постапка за избор на изведувач. Динамиката на изведба е задоволителна, а капацитетот на општините за реализација на проектите е на високо ниво, заклучи Перински.

Поврзани вести