Skip to main content

Партијата на Македонците во Албанија со реакција за етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „Северномакедонци“ од страна на амбасадорката на Албанија во Софија, Инид Мило

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена политичка партија што ја претставува македонската заедница во Албанија, изразува длабока загриженост и остро реагира против етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „Северномакедонци“ од страна на амбасадорката на Албанија во Софија, Инид Мило.

Како што стои во реакцијата, упатена до министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, во интервју за бугарската медиумска куќа Нова.бг, амбасадорката Мило за македонското малцинство користи терминологија која „не само што е неприфатлива, туку и навредлива за идентитетот и интегритетот на оваа автохтона заедница“.

„Во овој контекст, бараме јавно извинување од Министерството за Европа и надворешни работи и од амбасадорката Мило за употребата на овој термин со кој се навредува нашата заедница и да се преземат чекори за да не се повторат вакви случаи, кои сериозно ги поткопуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции“, стои во реакцијата на МАЕИ.

Потенцираме, се додава, дека ова не е изолиран случај.

„Минатата година, при објавувањето на резултатите од пописот, и албанскиот Институт за статистика го користеше терминот „Северномакедонци“ за македонското малцинство, предизвикувајќи силни реакции во нашата заедница. Македонската заедница, која секогаш придонесувала за мирот и хармонијата во Албанија, чувствува длабока неправда од овие навредливи квалификации“, се наведува понатаму.

Во прилог испраќа и копија од интервјуто на амбасадорката Мило за бугарската медиумска куќа Нова.бг како референца.

„Ве повикуваме да преземете неопходни мерки за заштита на достоинството на националните малцинства и да осигурате дека институциите и албанските претставници ги третираат соодветно и со почит“, се бара во реакцијата потпишана од Васил Стерјовски, претседател на партијата.

Реакцијата, освен до Хасани, доставена е и до Ерлинда Баланца, народен правобранител, Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација, до делегација на Европската Унија во Тирана, мисијата на ОБСЕ, канцеларијата на Советот на Европа, амбасадата на САД и македонската амбасада во Тирана.

Поврзани вести