
Рехабилитацискиот центар на Пониква ќе биде технички подготвен до крајот на неделата, а оперативниот план е во завршна фаза. Рехабилитацијата ќе се спроведува во групи, во циклуси по две недели, изјави портпаролката на Владата Марија Митева, денеска на прес-конференција на која присуствуваа Катерина Мирчовска, новата директорка на болницата во Кочани и д-р Гордана Георгиева од скопската Клиника за пластична и реконтруктивна хирургија.
Утре почнува реконструкцијата на Општата болница во Кочани, токму од Одделот за физикална медицина, рече новата директорка на Болницата, д-р Мирчовска на денешната прес-конференција во Владата, која додаде дека одморалиштето на МВР на Пониква е ставено на располагање за да се направи рехабилитација, ресоцијализација и да им се пружи психолошка поддршка на повредените, а ќе се активираат медицински тимови коишто ќе им бидат достапни 24 часа.
Ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. На Пониква физикалната терапија ќе ја обавуваат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри, истакна докторката Мирчовска.
Таа кажа дека во план е сите пациенти да бидат повикани да дојдат на Пониква.
За оние што нема да можат, ќе се користи просторија во болницата во Кочани, а таму ќе функционира и одделот за физикална терапија за оние што се враќаат од лекување од странство или од Скопје – додаде д-р Мирчовска.
Во периодот од 20 мај до 10 јуни евалуирани се 167 пациенти, пет пациенти сѐ уште се хоспитализирани во болници во државата, а уште пет се на лекување во странство. Неевалуирани се осум пациенти кои се со привремен престој или живеалиште во странство.
Пациентите беа класифицирани во пет групи, почнувајќи од прва група како најлесна форма, до петта група како најтешка. Во Група 1 се 36 пациенти, во Група 2 – 49 пациенти, во третата група има 41 пациент, во четвртата се 25, а во петтта група има 16 пациенти. Сметаме дека е потребен мултидисциплинарен пристап и третман во лекувањето и нивно понатамошно следење. Потребно е за одреден временски период повторно да се направи евалуација за да се превенираат или рано да се препознаат можните компликации од различните типови на повреди, истакна д-р Георгиева, која е дел од тимот за евалуација на повредените.
Освен со изгореници, има пациенти со инхалаторни повреди и со психолошка траума, а оние кои се во четврта и петта група ќе им биде потребно продолжено лекување, а кај некои од петтата група и дополнителен хируршки третман. Евалуацијата на повредите од изгореници ќе се евалуираат повеќепати, во зависност од степенот и делот од телото што е зафатен.
Од март, кога се случи несреќата, до денес во болницата во Кочани се склучени договори со специјалисти по пластична хирургија од Универзитетската клиника за пластична хирургија и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Дополнително и со физијатри и физиотерапевти од Клиничката болница во Штип, од ГОБ „8 Септември“ и од Институтот за физикална медицина и терапија „Козле“. За да ја следиме состојбата на повредените кои се вратија од лекување во болниците во странство, а кои обавуваат физикална тераприја и респираторни вежби, им беше посочено од тимот за евалуација дека треба да направат контроли. Со оглед што како проблем произлезе патувањето на високи дневни температури, разговаравме со Министерството за здравство и со пулмолози од ГОБ „8 Септември“, кои беа и на евалуацијата, има добра волја, знаеме што ни е потребно во болницата во Кочани за да можеме да ги доближиме, а апаратурата што ќе биде донесена и соработката со лекарите ќе останат и за понатаму, истакна докторката Мирчовска.
На почетокот на идната недела во кочанската болница ќе им се земат мерки за изработка на компресивна облека за пациентите за кои претходно тоа не било направено. Тоа ќе се реализира со претставништвата на изработувачите на облеката од Бугарија и Германија, а се работи и на скенирање со тродимензионален скенер за пациентите со изгореници на лицето, главата и вратот за да им се изработат силиконски маски по мерка.
Портпаролката на Владата, Марија Митева рече дека 109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија 070/355-526 и се јавиле и оставиле свои барања и предлози. Меѓу најчестите предлози е како да се скрати времето на патување и лекари специјалисти, како на пример пулмолози, да доаѓаат во Кочани за преглед на пациентите.
На 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“ која работела со фалсификувана дозвола загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.