
Судиката Даниела Димовска е избрана за вд претседател на Основен кривичен суд Скопје. Одлуката беше донесена на денешната седница на Судскиот совет.
Богата биографија, големо искуство во струката, студент на генерацијата, добитник на награди…
Димовска има магистрирано на државниот универзитет УКИМ на Правниот факултет, има завршено Академија на судии и јавни обвинители, има положено правосуден испит и нотарски испит, била дел од низа обуки значајни за нејзината кариера.
Родена е на 29.06.1985 година во Кочани. Во 2007 година дипломира на Правен факултет „Јустинијан Први“- Скопје како најдобар студент на генерацијата. Од 2006 до 2010 година е ангажирана како демонстратор по предметот трудово право на истиот факултет.
Добитник е на наградата „Франг Манинг“ за најдобар студент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за академската 2005/2006 година.
Во периодот 2005-2006 година, преку проект на НДИ Институтот ангажирана е како практикант во Собранието на Република Македонија, а од 2007 година до 2013 година работи во истата институција. Во декември 2010 година е избрана за член на Комисијата за заштита од дискриминација. Во јуни 2011 година положила правосуден испит, a во октомври 2012 година положила нотарски испит.
Магистрирала на отсекот деловно право на Правниот факултет-„Јустинијан Први“ – Скопје, а во моментот е докторант на истиот факултет, на отсек кривично право. Во 2015 година завршила Академија за судии и јавни обвинители.
Во септември 2016 година е избрана за судија во Кривичен суд Скопје и распределена е за судија на претходна постапка, од 2021 година до 2022 година е судија за извршувње на санкции, од 2022 година до 2023 година работи во Одделението за кривично полнолетни, а од 2024 година до денес е судија во Одделението организиран криминал и корупција.
Во 2017 година завршила обука „Вовед во германското право“ организирана од Германската фондација за меѓународна соработка ИРЗ. Избрана е за член на работната група која ја изготви Националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021-2023, а подоцна избрана е и за член на Националната комсија за следење на стратегијата.
Во 2022 година избрана е за арбитер во спортско арбитражниот суд на Олимпискиот комитет на Македонија, како и за Претседател на комисијата за уништување на дрога и други наркотични средства. Во 2024 година избрана е за заменик член на државната комисија за спроведување на правосуден испит.
Во 2025 година именувана е за член на повеќе работни групи и тоа на Работната група за изменување и дполнување на Законот за помилување, како и на Работната група за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Избрана е и за Претседател на комисијата за уништување на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.
Во 2023 година и 2024 година избрана од ОБСЕ Мисијата во Скопје за предавач на двонеделни обуки на врабоени во МВР во Секторот за дисциплински постапки.
Во периодот од 2020-2025 година одржа повеќе обуки во организација на ДЦАФ Центарот, поврзани со посебните истражни мерки.
Во 2024 година избрана е за предавач на Академија за судии и јавни обвинители. Ко-автор е на Прирачникот за спроведување на мерките за следење на комуникациите издаден во декември 2019 година во соработка на Академијата за судии и јавни обвинители и DCAF Женева, на Анализата на законот за извршување на санкциите објавена во 2023 година од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и на Водич за ништеење на податоци собрани со посебни истражни мерки објавен во 2024 година.
Извор: Курир