
Суспендираниот јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, за МИА вели дека ниту бил повикан, ниту бил запознаен дека се води постапка против него во ОЈО Штип и дека денешното обвинение, како што тврди, е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација “дека постои предмет Рекет 2 по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од СЈО“.
Според Цветановски, обвинението од соопштението на ОЈО Штип е пресликано од одлуката на дисциплинската Комисија при ЈОРСМ за негова суспензија за сторени тешки поврди во четири предмети, со тоа што е додаден и предметот за бонусите во СЈО.
-Знаев дека има некое обвинение од 28.07.2025 година, а тоа обвинение е пресликано од Одлуката што ја донесе дисциплинската Комисија, со тоа што е ставен плус и предметот за бонусите во СЈО. Јас не сум смеел да донесам одлука во однос на жалбата, иако надлежност на јавниот обвинител е да донесе одлука по секоја жалба, бидејќи се работи за кривично дело во кое што е дополнително оштетен Буџетот, а до ЈОРСМ е доставен писмен предлог да направат надзор над работењето за тој предмет кој што надзор до денеска ниту е почнат, ниту е донесена одлука. Така што, моето решение е единствено во однос на таа правна ситуација во којашто ОЈО ГОКК донеле незаконита одлука, а со која е оштетен Буџетот на РМ. Обвининето денеска е во таа насока да се направи дополнителен пристисок, особено во јавноста. Но, јас се надевам дека судење ќе има, каде конечно ќе можам во своја одбрана, бидејќи досега не ми била дадена таква можност, да го отворам целиот процес за сите овие предмет, во кои главна алка се обвиненија од страна на СЈО поднесени без докази. Јавноста ќе има доволен аргутмент сама да процени на кој начин Обвинителството работи, изјави Цветановски.

Прашан дали бил повикан во ОЈО Штип за исказ, Цвенатновски вели дека „ниту бил повикан, ниту бил запознаен дека се водела постапка против него“, посочувајќи дека формално правно ова е обвинение што не е во правна сила, а дали ќе биде не се знае, за што ќе треба да одлучи Судот.
-Обвиниението не е во правна сила. ОЈО Штип го поднело до Основниот суд Штип, кој се огласил за ненадлежен и се уште трае процедурата кој суд ќе биде надлежен, што значи дека обвинетите не се запознаени за ова обвинение. Формално правно ова е обвинение што не е во правна сили и дали ќе биде не се знае, сепак треба судот да одлучи. Денешното соопштение е само резултат на тоа што во овие неколку дена во јавноста излезе информација дека постои предмет Рекет 2 по кој Обвинителство не постапува, а таму обвинители се Бурим Рустеми и Лиле Стефанова од поранешното СЈО, од кои што Стефанова го правеше надзорот врз мојата работа на предмети на СЈО и наводно таа утврдила злоупотреба, која што сега е предмет и на тоа обвинение, нагласува Цветановски.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип, денеска преку соопштение до медиумите информираше дека по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, е поднесено обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик, заедно со уште еден соизвршител – јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.
Според ОЈО Штип, обвинетите спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот.
-Постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки, се вели во соопштенито од ЈОРСМ.
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при ЈОРСМ во јуни годинава донесе одлука дека Хајрулахи и Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки по што следеше нивна суспензија.