
За наставници и стручни соработници почна да се спроведува обука за програмата „Вештини за адолесценција“ која ќе се пилотира во седмите одделенија во 50 основни училишта во Скопје, Струмица, Штип, Прилеп, Кочани и во Гостивар.
Како што објави Министерството за образование и наука, обуките ќе бидат дводневни и ќе се реализираат од 27 октомври до 14 ноември, на македонски и на албански јазик.
Министерството посочува дека програмата „Вештини за адолесценција“ придонесува за јакнење на социјално-емоционалните вештини кај учениците и има цел да ги подготви младите адолесценти да не подлегнуваат на врсничкиот притисок, да прават здрави избори и да не користат штетни психоактивни супстанци.
Бирото за развој на образованието склучи Меморандум за соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за спроведување на превентивната програма на Меѓународната фондација на Лајонс клубовите (LCIF), изработена по стандардите на Светската здравствена организација, којашто се имплементира во 107 земји во светот, наведува МОН.

Македонски








