
Односите помеѓу нашите две земји се исполнети со пријателство, меѓусебно почитување и длабока приврзаност кон демократските вредности, кон мирот и меѓународната соработка. Ние делиме заедничка визија за обединета, стабилна и солидарна Европа, заснована на владеење на правото, човечкото достоинство и солидарноста меѓу народите. Оваа порака ја испрати Игор Николов, ново именуваниот амбасадор во Франција при примопредавањето на акредитивните писма на францускиот претседател Емануел Макрон на тет а тет средбата во Елисејската палата.

Во таа прилика, амбасадорот Николов, рече дека Француската Република отсекогаш била важен партнер и вредна поддршка во патот на Македонија кон евро-атлантската интеграција.
Не го забораваме континуираниот ангажман на Франција во поддршката на проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан, особено нејзината поддршка на реформскиот процес што нашата земја го спроведува со решителност, како и значењето на предвидливоста во овој процес — аспект што го очекуваме со доверба на овој пат посочи македонскиот амбасадор на средбата со Макрон.

Амбасадорот Николов го информираше францускиот претседател Макрон за стратешкиот избор на Македонија, а тоа е интеграцијата во ЕУ.
Свесни сме за предизвиците што ги носи тој процес. Но, остануваме решени да ги спроведеме потребните реформи, како на институционално, така и на економско ниво, со цел да ги исполниме критериумите за членство. Во овој контекст, поддршката од Франција – како основачка сила и двигател на Унијата – е од суштинско значење и длабоко ја цениме“, кажа Николов.

Амбасадорот Николов, укажа дека покрај институционалните прашања, Македонија и Франција развиваат се подинамични културни, образовни и економски врски. Како истакнат франкофон, носител на француски орден коњаник на легијата на честа, амбасадорот Николов како што вели, упатил и една лична нота при примопредавањето на акредитивите. Николов е познавач на Франција, бидејќи голем дел од патот на неговото докторско усовршување како нефролог го има поминато токму низ француските универзитети, клиники.

Ментори на тој му пат му биле истакнати француски имиња во здравството и универзитетската област. Меѓу нив се професор доктор Зијад Маси, познат нефролог кој работи во болницата Амброаз Паре во Париз кој е академик, односно член на Националната академија за медицина, проф доктор Тилман Друеке кој е еден од најплодните публицити во светските нефролошки журнали, како и истакнатиот нефролог трансплантолог Лионел Ростин кој работи на Универзитетската болница Гренобл во Франција.