
Иницијативите Шанса за Центар, Независни За Карпош – За Заштита На Карпош, Зелените Од Гази Баба, граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови формално регистрираа заедничка платформа со која, како што се наведува во денешното соопштение, ќе се борат против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес.
-Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите Шанса за Центар , Независни За Карпош – За Заштита На Карпош , Зелените Од Гази Баба , граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава, се наведува во соопштението од Шанса за Центар.
Повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град, како што информираат, разговарале за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап, но Зелен хуман град одлучил самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно.
-Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба. Ги информираме граѓаните дека платформата што ќе ја основаме формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка. Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов, се наведува во соопштението од Шанса за Центар.
Во следниот период тие најавуваат дека ќе споделат повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претстават листите и кандидатите.
-Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација, посочуваат од Шанса за Центар