Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) постапувајќи во рамките на предистражната постапка, во септември минатата година, непосредно по отворањето на предметот, достави наредби и барања до УЈП со кои побара доставување на записниците од спроведените контроли на инспекциските служби на Управата во предметните правни лица, соопшти денеска Јавното обвинителство во врска со сомнежите за сторен криминал од страна на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов.
Од ОЈО ГОКК велат дека наводите што се појавија во медиумите за утврдените штети и за докази за финансиски малверзации на Крмзов, се неточни и неосновани.
„Од септември до вчера, до надлежниот јавен обвинител, Управата за јавни приходи (УЈП) достави еден мемориски уред (УСБ) со податоци за извршени контроли во кои во 90 отсто од спроведените надзори не биле евидентирани недостатоци и за кои според УЈП нема законски основ за преотворање на контролните постапки. Вчера околу 17 часот службите на УЈП за првпат доставија официјално дел од документацијата која предметниот обвинител ја побара, со што делумно е постапено по наредбите и барањата на обвинителството. Доказниот материјал допрва треба да биде предмет на анализа и на утврдување на евентуално предизвиканите штети“, информираат од ОЈО ГОКК.
Од обвинителството велат дека поради сето ова произлегува дека наводите што се појавија во одредени медиуми за утврдените штети и за докази за финансиски малверзации, се неточни и неосновани.
„Јавниот обвинител во повеќе наврати бараше забрзување на постапката за прибирање и доставување на бараната документација. Од самиот почеток на предистражната постапка, обвинителството во насока на обезбедување присуство и непречено спроведување на постапката, постапи согласно своите надлежности и согласно закон и до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за лицето за кое станува збор во текстот. Судот тогаш го прифати предлогот и на лицето му определи мерки на претпазливост кои сѐ уште се активни – одземена му е патната исправа и истото има обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган. До денес предметниот обвинител не е известен од надлежните органи дека лицето не се придржува кон изречените мерки, со што се потврдува дека целиот текст што се појави на еден портал и беше преземен од други медиуми се само инсинуации без факти и докази.
На крајот укажуваме дека јавното обвинителство е максимално транспарентно за постапките кои што ги води и ја информира јавноста во рамките на своите надлежности, почитувајќи ја притоа пресумпцијата на невиност и тајноста на постапките, а со цел вистинито информирање и спречување на шпекулациите кои можат да предизвикаат штета на постапките“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Најмалку 65 милиони евра штета врз буџетот на Македонија утврдиле инспекторите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа во империјата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството Заеви, објави вчера Плусинфо.мк.
Порталот пишува дека најмалку 65 милиони евра штета врз буџетот на Македонија утврдиле инспекторите на Управата за јавни приходи и на Царинската управа во империјата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов.