
Предвремени парламентарни избори следната година нема да има, зашто нема никаква потреба за тоа, вели министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од ВРЕДИ), Орхан Муртезани, во интервју на МРТ 1.
На прашање дали, сепак, има контекст којшто може да направи притисок и да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да се реши на таков потег, особено ако ДУИ биде победник на локалните избори, Муртезани одговара дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
-Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, меѓутоа овој дискурс бил неколку пати неуспешен. Веднаш по изборите, сите челници на ДУИ тврдеа дека нема шанси ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ да направат влада. Направивме влада. После велеа, нема шанси да траат ни 100 дена, поминаа 100 дена. Па, велеа ќе видите после Нова година, готово, ние ќе палиме сè живо и диво, нема да дозволиме оваа влада да помине. Одиме на локални избори. Така што, сè додека тие зборуваат вака, ние ќе продолжиме да победуваме и да владееме, рече Муртезани.
Тој додава и дека предвремени избори би значеле забавување на проектите што веќе ги отпочнала Владата.
-Засега ние не гледаме никаква потреба, бидејќи сите тие мерки коишто владата месеци наназад ги спрема и ги презема, очекуваме првите резултати да се појават во 2026. Ако ние одиме на предвремени парламентарни избори, значи дека цела година ќе ја изгубиме, додава Муртезани.
Во однос на најавите за владина реконструкција до крајот на годината, Муртезани посочува дека ќе бидат неопходни ако дел од министрите кои сега се кандидати, бидат избрани за градоначалници.