
Во моментов 70 проценти од пациенти од терцијарно ниво треба да бидат на секундарно здравство, истакна министерот за здравство Азир Алиу, повикувајќи се на стручни медицински експерти во одговор на новинарски прашања на прес-конференцијата во Министерството за здравство.
Прашан за тоа како побрзо до термини кај стручни медицински лица и дијагностика, Алиу изјави дека се прави анализа, па ќе следува систем со реални решенија, систем поврзан со Мој термин и јасно дефинирани протоколи, за одење на еден пациент од примарно во секундарно, па во терцијарно здравство.
Ќе имаме јасни индикатори за секој доктор, дали услугите што треба да ги нуди, во примарно и терцијално, ги нуди, или само прави редирект на пациентите од примарно на терцијарно здравство, подвлече министерот.
Тој појасни дека податоците што ќе ги обезбедуваат во иднина, ќе им одговорат на многу прашања и предизвици во здравството, со цел нивно решавање, во интерес на пациентите.
Исто така, тие податоци ќе ни дадат јасна слика каков тип на инфраструктура има во здравствениот систем. Во моментов, на пример, немаме јасна слика на човечки капацитети во здравството, посочи Алиу.
Министерот за здравство додаде дека веќе работат на тоа и наскоро најави транспарентни информации околу кадарот во здравството.
Алиу повтори дека секој петок од 10 до 15 часот, по 15 минути ќе траат средбите со заинтересирани во Министерството за здравство, што претходно онлајн ќе закажат средба. Три недели, од четврти јули па натаму, секој петок, средбите биле веќе закажани.