
На денешното емитување на емисијата ,,За или против“ на телевизија Алфа, гостуваше Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата. Митева изрази благодарност до Унгарија за организирање на втората меѓувладина седница во Будимпешта, нагласувајќи ja важноста на соработката помеѓу Македонија и Унгарија во областите како транспорт, образование и земјоделство.
Таа посочи дека потпишаните договори за соработка се основа за градење на односи на доверба и размена на искуства, што ќе имаат позитивен ефект на животниот стандард на граѓаните. Митева најави продолжување на соработката, вклучувајќи работни посети и поддршка на бизнисите и локалната самоуправа преку унгарскиот кредит.
Митева истакна дека првата меѓувладина седница помеѓу македонската и унгарската влада се одржала во Охрид, а втората во Будимпешта, по што изрази благодарност до унгарската влада за приемот и честа што ја укажа на Македонија и македонските граѓани.
,Ова беше втора сега меѓувладина седница, втор владин самит кој што се одржа во Унгарија, во Будимпешта, и можам да кажам само едно големо благодарам до унгарската влада за приемот, за честа која што ја направи не на нас, туку на македонските граѓани и на државата – изјави Митева.
Митева изјави дека соработката помеѓу министрите за време на меѓувладината седница вклучувала размени на искуства, и тоа ќе има позитивни ефекти на долг рок, особено во областите како транспорт, образование и земјоделство.
,Благодарност за целокупната организација, како од технички аспект, така и од она што е суштина, за сите оние билатерални средби кои што ги имаа сите министри за меѓувладината седница, на која што се разменија искуства и до каде се министерствата во однос на она што на првата меѓувладина седница го договориле. Да зборуваат за перспективата, да имате вие една држава која што е членка на ЕУ и да биде навистина голем поддржувач и пријател на Македонија е од особена важност за нас. Мислам дека таквите релации кои што ги градиме како Влада допрва ќе ги покажуваат ефектите и не треба да размислуваме поинаку, туку да размислуваме дека ова е начинот на кој што се градат мостови и добри пријателства помеѓу Македонија и останатите држави. Ќе ја зголемиме соработката во делот на транспортот, да видиме дали може да се отворат нови авиолинии, да видиме дали може да ја зголемиме соработката во делот на образованието, да имаме меѓусебна размена на студентите, да видиме во земјоделството кои се најдобрите политики кои што можеме ние да ги примениме или да понудиме некое различно искуство. Во секој дел и во секој ресор има посебна тематика на која што надлежните министерства работат, а владите се тука да ги следат процесите – нагласи Митева.
Митева истакна дека потпишаниот договор за соработка и размена помеѓу министерствата за надворешни работи е пример за изградба на односи на доверба и принципи, кои ќе продолжат да се развиваат, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Јас ќе ве потсетам дека имаше потпишување на договор за соработка и размена во делот на дипломатијата, помеѓу министерот за надворешни работи и трговија и министерот за надворешни работи на Унгарија. Сите тие се добри показатели за тоа каков е начинот на соработка и како ќе продолжиме како држава да функционираме, не само со Република Унгарија, туку и со останатите држави. Затоа што ние ќе градиме односи на доверба, односи на принципи, на размена на искуства и никогаш нема да размислуваме поинаку, туку само за тоа како да го подобриме животниот стандард на граѓаните – изјави Митева.
Митева додаде дека во месец мај, министерот за земјоделие ќе има работна посета со својот унгарски колега, а соработката со Унгарија ќе продолжи и со поддршка на бизнисите и локалните самоуправи преку унгарскиот кредит, што ќе има директен ефект за граѓаните.
Некаде во месец мај, министерот за земјоделие ќе има овде работна посета со министерот од Унгарија. Можам да кажам дека во делот на надворешната политика ќе имаме размена на искуства и знаење за нешто што ни недостасува или нешто што го уништија СДСМ и ДУИ. Ќе продолжиме да соработуваме, тука е и она што се однесува на унгарскиот кредит за поддршка на бизнисите и на локалната самоуправа. Тоа се некои работи кои што се видливи и кои што граѓаните ќе имаат ефект од нив. Така што, да, ќе продолжи соработката во многу блиска иднина и јас се надевам дека истата ќе се продлабочи – заклучи Митева.