
На 5.3.2025 година (среда), министерката за образование и наука Весна Јаневска ќе го посети институтот на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија во Испра, Италија, соопштија од Министерството за образование и наука.
Посетата е во насока на продлабочување на соработката со Здружениот истражувачки центар, преку која Министерството за образование и наука ќе добие дополнителна поддршка за имплементација на Стратегијата за паметна специјализација, во форма на експертиза, размена на позитивни практики, методологии и научни пристапи за јакнење на националниот систем за истражување и иновации.
Здружениот истражувачки центар (Joint Research Centre) е референтен центар за наука и технологија на ЕУ, кој обезбедува независна научна и техничка поддршка за креирање и спроведување на политиките на Унијата. Центарот е вклучен и во процесот на нејзино проширување, преку соработка со земјите апликанти обезбедувајќи им техничка поддршка за ефикасно имплементирање на европските закони во областа на науката и технологијата.
Центарот има седум институти во пет земји на ЕУ (Белгија, Германија, Италија, Холандија и Шпанија).