
Како коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаме победа или мнозинство во 58 општини во Македонија. Идниот градоначалник на Град Скопје има предност од 3:1 во однос на неговиот противкандидат. Убедлива победа во Советот на Град Скопје, а после вториот круг очекуваме бројката на гласови за Орце Ѓорѓиевски да биде 125.000-130.000 гласови, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од митингот во Валандово.
Кога сето ова ќе се анализира имаме навистина историска поддршка со најточните, најпрецизни кампањи, со јасна порака и јасна визија и дефиниција за тоа што сакаме да го постигнеме во годините кои следат – рече Мицкоски.
Тој од Валандово им се заблагодари на гласачите кои им дадоа поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Вреди да се бориме заедно за нашата заедничка татковина Македонија. Во годините кои следат, ќе имаме многу предизвици. Затоа ни е потребна вашата поддршка, тие предизвици ќе бидат исклучително сложени и тешки.Од решавање на проблемите дома, кои почнавме да ги решаваме уште од првиот ден кога бевме избрани како Влада, па точно 16 месеци, но верувајте толку се многу на број што со секојдневно работење по 15-16 часа, не можеме да постигнеме сето она кое се напластило како проблем да го решиме. Одиме чекор по чекор – рече Мицкоски.
Мицкоски зборуваше за опозицијата, која според него, од првиот ден на изборната кампања водат црна кампања, а тоа се пресликува и за време на вториот круг од изборите.
Тие од првиот ден, до последниот ден, па и денеска, водат црна кампања. Мене ме спакуваа во парчиња во куфер, па потоа ми велеа дека ме презираат и што ли не им се случи. И резултатот од сето тоа го видоа граѓаните на 19 октомври, само 3 општини. Ние сме демохристијанска партија, ние со добро треба да ги совладаме нашите политички противници, само така ќе покажеме дека можеме поинаку, и дека сме поразлични од другите – рече Мицкоски.
Како што кажа Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ на 19 октомври освои 33 општини, а изминативе два дена, двајца од противкандидатите на кандидатите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се откажале, и според него веќе може да се зборува за 35 градоначалници, што е историски резултат.
Тоа што е зад нас, еден факт кој што е немилосрден. Тоа се бројки. После првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ освоија 33 градоначалници. Изминативе 2 дена, два противкандидати на нашите кандидати за градоначалници е откажаа, така што веќе можеме да зборуваме за 35 градоначалници. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата водат, имаат веќе освоено градоначалник или се во круг како второпласирани, но тоа се во 6 општини каде што е многу мала, но и значителна разлика во вкупно 59 општини. До сега ваков историски резултат во независна Македонија не се случил – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде и дека ова е една од најточните и најпрецизни кампањи, со јасна порака, јасна визија и јасна дефиниција, што според него, ќе се постигне во годините кои следат.
Вие сте нашата инспирација, вие сте нашиот мотив, да продолжиме да се бориме, бидејќи вреди да се бори човек за секој еден кој што остана тука дома, да се бориме заедно за нашата татковина заедничка Македонија – заклучи Мицкоски.
Тој порача дека граѓаните се мудри и секогаш во право.
Граѓаните знаат кој работи за нив, а кој работи против интересите. ВМРО-ДПМНЕ својот легитимитет го добива од граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е народна партија. Никогаш нема да дозволам, додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Владата да го извалкаме вашиот образ, да го нарушиме вашето достоинство и ќе сториме се што е во наша моќ да вратиме за вашата поддршка и добрина која ни ја правите – рече Мицкоски.

Македонски








