
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања во одговор на прашањето од Митко Трајчулески од СДСМ, за неисполнетите ветувања во однос на евроинтеграциите, одговори дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес, критикувајќи ја опозицијата дека направила стратешка грешка со прифаќањето на т.н. Француски предлог.
Премиерот му порача на Трајчулески дека нема да ги коментира тезите од типот на патриоти и предавници.
-Нема да коментирам, би било лошо да коментирам, можеби некој од вашата пратеничка група ќе ве запознаат за состаноци кои се правеа кај претседателот Пендаровски итн… Ве упатувам таму да добиете одговор, но знам дека после тие состаноци магично во овој Парламент се смени Кривичниот законик со европско знаме, се избриша членот 353, некои дела застареа, некои дела не застареа. Но, кога сме кај политичката стратешка грешка, политичка стратешка грешка беше кога ве молевме да не го прифаќате тој предлог, затоа што го загрозувате не само европскиот пат и европската иднина на Македонија, туку влегувате во историска замка, рече Мицкоски.