Skip to main content

Mицкоски побара од нашиот сосед и НАТО-сојузник да го испорача осуденикот кој сред Софија прави драма околу неговата ќерка која усмрти човек во сообраќајка

Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со Симеон Михаилов, кој е осуден на 12 години затвор во Македонија, но избега пред да ја отслужи казната, а сега се појавува на бугарски телевизии и на протести во Софија, од каде ја брани неговата ќерка Ива Михаилова, на која во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со еден загинат.

Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачааат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата – рече Мицкоски.

Софија деновиве го драматизира случајот со Ива Михаилова, која има македонско и бугарско држајанство, во контекст дека Македонија не ѝ дозволува да се лекува во Бугарија.

Таа е обвинета за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајната несреќа од октомври лани, во која едно лице го загуби животот, а неколку други беа повредени, меѓу кои и самата Михаилова. Таа ја отфрла вината за несреќата и тврди дека не настанала по нејзина вина.

Два македонски суда одлучија на Михаилова да не ѝ го вратат одземениот пасош, затоа што здравствените услуги кои ѝ се потребни се достапни и во Македонија. Судењето против неа е во тек, а на едно од рочиштата присуствуваа и шестмина пратеници од бугарското собрание.

Министерството за внатрешни работи деновиве потврди дека меѓународната потерница по Симеон Михаилов е сè уште активна.

Избеганиот осуденик Симеон Михајлов протестира пред македонската амбасада во Софија, 31 август 2026 година

Михаилов е дел од случајот „Детонатор“ и бил осуден за дела поврзани со обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната судска постапка е намалена. Во текот на постапката тој избегал од Македонија, а во 2014 година бил екстрадиран од Италија, каде бил уапсен по меѓународна потерница. Подоцна повторно избегал и сега се јавува од Бугарија.

Поврзани вести