Skip to main content

Мицкоски: Никој нема против албанскиот јазик, но треба да се знае дека официјалниот јазик во оваа држава е македонскиот

Официјален јазик на целата држава е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, изјави премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Скендер Реџепи од Европски фронт за употребата на јазиците и правичната застапеност.

На денешната седница посветена на пратенички прашања, Реџепи побара од премиерот да објасни, како што рече, „зошто Владата во време на економска и политичка криза секојдневно отвора етнички теми“. Тој воедно побара појаснување дали владините министри имаат потреба од преведувачи, имајќи предвид дека, според него, „пратениците немаат обврска да го знаат македонскиот јазик доколку го знаат албанскиот“.

Премиерот Мицкоски во одговорот истакна дека Законот за правична застапеност ќе се најде пред пратениците набрзо, откако, како што рече, ги поминал сите институционални процедури и мислењето на Венецијанската комисија.

Законот е уставен, а не неуставен, како што вашата коалиција 20 години ги лажеше Македонците – порача Мицкоски.

Во врска со прашањето за познавање на македонскиот јазик, премиерот повтори дека Уставот го дефинира македонскиот јазик како официјален на целата територија, додека албанскиот и другите јазици се користат согласно одредбите за локална самоуправа.

Мене не ми пречи албанскиот, ниту турскиот, српскиот, англискиот, ниту еден јазик на светов не ми пречи и нема да ми пречи. Но, ако го читате Уставот, според него, официјален јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Имаме дополнување во делот за единиците на локална самоуправа – рече премиерот.

Тој се осврна и на последниот јавен случај со новинарско прашање упатено на министерката Весна Јаневска, оценувајќи го настапот на новинарот како „непристоен“.

Никој нема против да го користите албанскиот јазик, можете да зборувате на кој сакате јазик, но, треба да се знае дека официјалниот јазик во оваа држава е македонскиот и неговото кирилско писмо, и за меѓународна употреба – нагласи тој.(МИА)

Поврзани вести