
За речиси две години Владата успеа да постави темели за економски раст, инфраструктурен развој и инвестиции, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето по повод 36-годишнината од формирањето на партијата.
„Кога некој ќе ме праша од каде почнавме, ќе кажам: почнавме од темелите. Од нула. Буквално камен по камен редевме за да стасаме до овде“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека во изминатиот период Македонија се нашла меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа според растот на БДП и дека бил постигнат рекорд од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции.
Во делот на инфраструктурата, Мицкоски рече дека се работи на шест нови автопатски решенија, а во наредната деценија се планирани капитални проекти вредни десет милијарди евра во патната, железничката, здравствената и енергетската инфраструктура.
Тој информираше дека делницата Извор–Врбјани од автопатот Кичево–Охрид се очекува да биде пуштена во употреба до септември или октомври годинава, додека според предвидената динамика ќе продолжат и останатите делници од трасата.
Мицкоски најави дека проектот Букојчани–Кичево, вреден 220 милиони евра, треба да започне во текот на есента, а откри и дека се работи на нов експресен пат Радовиш–Струмица.

Според него, во фаза на проектирање е и експресниот пат Кочани–Виница–Делчево, како и експресниот пат Романовце–Страцин, кои треба да придонесат за подобра регионална поврзаност.
Осврнувајќи се на здравството, премиерот рече дека во Струмица е заокружен проектот за реконструкција и изградба на болницата, за кој биле инвестирани 280 милиони денари.
Тој истакна дека втора година по ред сите ученици ја започнуваат учебната година со обезбедени учебници, а посочи и значително зголемување на буџетите за високото образование и науката.
„Ако буџетот за високото образование во 2022 година беше помалку од три милијарди денари, во 2026 година за универзитетите има осум милијарди денари“, рече Мицкоски, додавајќи дека буџетот за наука е зголемен од 380 на 773 милиони денари.
Тој нагласи и дека во изминатите две години биле исплатени околу 15 милијарди денари субвенции за земјоделците, што според него е повеќе отколку што исплатила претходната влада во период од три години.
Во политичкиот дел од обраќањето, Мицкоски најави реконструкција на Владата и порача дека нема да толерира оддалечување од принципите врз кои работи владината коалиција.

„Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите“, рече тој.
Мицкоски нагласи дека функционерите се избрани за да им служат на граѓаните и дека секое отстапување од таа обврска внимателно се следи.
„Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е сам да си оди“, порача премиерот.
Осврнувајќи се на опозицијата, Мицкоски оцени дека таа покажува страв од избори и порача дека власта е подготвена за секое политичко сценарио.
„Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио“, рече Мицкоски.

Македонски



