Skip to main content

Турција донира 500.000 дози вакцина против сипаници кај овците, се очекува да пристигнат деновиве

Tanner Yould on Unsplash

Од Република Турција се обезбедени 500.000 дози вакцина против сипаници кај овците како донација, кои се очекува да пристигнат деновиве, а до Европската комисија е доставено барање за дополнителни количества – соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешната прес-конференција на Сојузот на одгледувачите на овци и упатениот апел за преземање итни мерки против ширењето на болеста.

МЗШВ информира и дека повторно е побарана и стручна поддршка од тимот EUVET на Европската комисија. Пред примената вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе почне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Воедно, ги предупреди сточарите дека самостојното набавување и применување вакцина на сопствен трошок и без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирано во согласност со важечките прописи.

– Во таков случај сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени за сузбивање и искоренување на болеста. Неконтролираната примена на вакцини може да го отежни епидемиолошкото следење, да ја намали ефикасноста на преземените мерки и да создаде дополнителен ризик за стадата. Поради тоа, вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби според официјален план и под непосреден надзор на АХВ, -наведува МЗШВ.

Според МЗШВ, експертската група при АХВ редовно се состанува, ја разгледува епидемиолошката слика и ги утврдува понатамошните мерки за ограничување на болеста.

– Во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) континуирано ја следиме епидемиолошката состојба. Министерот Борче Серафимовски и директорот на АХВ, Оливер Миланов, се во постојана и непосредна координација, а надлежните служби секојдневно ги анализираат податоците од засегнатите региони, ефектите од спроведените мерки и потребата од дополнително постапување. Системот за рано откривање и сузбивање на болеста се спроведува преку ветеринарните друштва со кои АХВ има склучено договори за извршување активности од јавен интерес. По секоја пријава за сомнителен случај, официјалните ветеринари земаат крв и брисеви од животните и ги доставуваат на лабораториско испитување. Доколку се потврди присуство на вирусот, директорот на АХВ донесува решение со кое се определуваат контролните и заштитните мерки во засегнатата одгледувачница, вклучително и евтаназија на животните и нивно нештетно отстранување со закопување на одобрена локација – наведува Министерството.

Одгледувачите денеска на прес-конференција пред Владата уште еднаш алармираа за состојбата со сипаниците кај овците и побараа итна вакцинација, како и повисоко обесштетување.

Поврзани вести