Skip to main content

Британскиот премиер Бурнам разменувал пораки со лажна шефица на кабинетот на Трамп

Facebook/Andy Burnham

Британскиот премиер Енди Бурнам бил во контакт со непознато лице кое лажно се претставувало како Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, објавија денеска британските медиуми.

Според првичните информации, во размената не биле пренесени пораки со чувствителна или суштинска содржина, а сомнителната активност била брзо откриена и веднаш пријавена до надлежните безбедносни органи.

Размената на пораки прв ја обелодени порталот „Политико“ во своето издание „Лондон плејбук“. Според нивните извори, британската амбасада во Вашингтон била сериозно загрижена за инцидентот, поради што директно го покренала ова прашање со Белата куќа.

Засега не е познато точно кога биле испратени пораките, ниту пак која била конкретната тема на разговор меѓу лажниот профил и Бурнам, кој стапи на премиерската функција на 20 јули како наследник на Кир Стармер.

Прашан за коментар во врска со случајот, портпаролот на британската влада кратко изјави дека ги негираат сите барања за детали, посочувајќи: „Не коментираме прашања поврзани со националната безбедност“.

Овој случај следи откако минатата година весникот „Волстрит џурнал“ објави дека американското ФБИ започнало истрага за обиди за компромитирање и пристап до телефонот на Вајлс. Тогаш, исто така, непознато лице контактирало истакнати претставници на Републиканската партија и директори на водечки компании, лажно претставувајќи се во нејзино име.(МИА)