Skip to main content

ВРЕДИ: Расте нервозата во ДУИ пред сведочењето на Артан Груби

„Нервозата за сведочењето на Артан Груби расте во ДУИ, едни се плашат дека ќе прозбори, други пресметуваат кого може да повлече со себе“, обвинува ВРЕДИ во денешното соопштение, коментирајќи го претстојниот судски процес против поранешниот висок функционер на ДУИ, Артан Груби.

Од ВРЕДИ велат дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се наоѓа во тешка политичка позиција.

„Ако застане зад Груби, го презема политичкиот товар од сè што може да излезе во судницата. Ако го пушти низ вода, ризикува ‘црната кутија’ да се отвори и да проговори за сè што со години се случувало во врвот на ДУИ“, наведуваат од ВРЕДИ.

Според партијата, во ДУИ постои поделба околу тоа како да се однесуваат кон случајот со Груби.

„Затоа нервозата расте. Едни се плашат дека Груби ќе прозбори. Други пресметуваат кого може да повлече со себе. Трети веќе гледаат кој ќе биде фрлен курбан за да се спаси врвот. И додека Ахмети се заплеткува во сопствените приказни, Бујар Османи и натаму чека во низок старт“, се вели во соопштението.

ВРЕДИ притоа ги доведува во прашање досегашните изјави на функционерите на ДУИ за случајот со Груби.

„Еднаш не сакаат ни името да му го спомнат, потоа велат дека против Артан Груби нема докази. Али Ахмети, пак, демек му кажал да одговара ако ја злоупотребил неговата доверба, а веднаш потоа да рече дека ‘првото нешто’ е Груби да биде ослободен од куќен притвор“, прашуваат од ВРЕДИ.

Партијата го споменува и Бујар Османи, за кого вели дека го мери моментот за евентуална кандидатура за лидерската позиција во ДУИ.

„Дали Бујар го мери моментот кога да тргне кон лидерската фотелја или прво сака да види што сè може да излезе од ‘црната кутија’?“

Од ВРЕДИ додаваат дека за случајот со Груби конечната одлука ќе ја донесат институциите.

„За случајот со Груби ќе одлучат институциите во кои од ДУИ до вчера се колнеа. Но лицемерната ДУИ ги признава само кога одлучуваат по нејзин есап. Нека престанат да глумат и нека кажат која од нивните приказни важи“, се наведува во соопштението.

Поврзани вести