
Вечерва не сме собрани овде само да одбележиме еден јубилеј. Не сме собрани само да прославиме 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Вечерва сме собрани да покажеме дека идејата која започна пред 36 години не само што опстана, туку денес е посилна од кога било. Таа идеја, тој наш сон отсекогаш бил и ќе остане Македонија. Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има енергија. Повторно има надеж, повторно има визија, повторно има народ кој верува во себе!, рече вечерва Христијан Мицкоски.
Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да ја поведат напред.
И јасно се оцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, кауза и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Македонија мора да победува. Никогаш нема да падне. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш Македонија ќе има сила.
Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите. Реформите што ги спроведуваме не се цел сами по себе. Тие се алатка за да создадеме посилна економија, повисоки плати, подобро образование, поквалитетно здравство и модерна инфраструктура. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, неопределени… Премногу надеж има во очите на нашите деца за да се откажеме од иднината што ја заслужуваат.
Затоа вечерва не зборуваме само за политика. Вечерва зборуваме за судбината на нашата генерација. Зборуваме за тоа дали ќе бидеме поколението кое ќе се жали или поколението кое ќе создава. Дали ќе бидеме луѓето кои ќе бараат виновници или луѓето кои ќе градат решенија. Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето.
Нека се слушне силно од Струмица!
Од Беласица до Шар Планина! Од Охрид до Делчево! Од Гевгелија до Куманово!
Една татковина! Една заедничка иднина!
И нека запомнат сите:
Народот е буден. Народот е исправен. Народот е решен.
А кога Македонија е обединета, нема пречка што не може да се совлада, нема врв што не може да се достигне и нема сон што не може да стане реалност.

Македонски



