Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја поздрави иницијативата на Движењето ЗНАМ која денеска објави Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, без да го соопшти конечниот став.
– Да видиме што е таа платформа. Откако ќе ја видиме, тогаш можеме да го кажеме нашиот коментар и нашите согледувања. Јас колку што слушнав од претседателот на ЗНАМ на вчерашниот настан по повод едногодишнината од основањето на партијата дека тие ќе комуницираат со сите парламентарни политички партии и очекуваат дека на крајот од денот ќе имаме еден заеднички документ којшто сите консензуално ќе го поддржиме. Не гледам зошто да не му се даде шанса на овој процес. Добро е да се изгради национален консензус така што ги поздравувам сите иницијативи што водат во таа насока, изјави Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.
Претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски денеска на прес-конференција ја објави Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, која содржи девет точки. Димитриевски кажа дека таа ќе биде доставена до сите парламентарни партии.