Skip to main content

Мицкоски: Инвестицијата од 22 милиона евра во нова трафостаница носи енергетска стабилност за Скопје

Инвестицијата од 22 милиона евра во нова трафостаница носи енергетска стабилност и претставува значајно инвестициско дело и за градот Скопје, но и за државата, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Станува збор за инвестиција од речиси 22 милиона евра, нешто со што ќе се подобри стабилноста на системот, на мрежата, 110-киловолтно напонско ниво, и ќе отвори перспектива за следните 20-ина години да одговори на сите предизвици од енергетски аспект, приклучни места итн., кои ќе бидат потребни за развој на градот Скопје – вели Мицкоски на пуштањето во уппотреба на овој енергетски објект.

Притоа тој изрази очекување за нови инвестиции во енергетски капацитети.

Јас би сакал да им се заблагодарам на колегите од Владата, на Министерството за транспорт, Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство, на ЕВН како компанија што инвестира во Македонија. Да им се заблагодарам на сите оние што беа дел од овој проект и да посакаме уште многу инвестиции во енергетиката, кои ќе бидат додадена вредност и кои ќе овозможат поголема стабилност на системот, поголем капацитет за прифаќање нови производни капацитети, имајќи предвид потребите кои во годините што ќе следуваат ќе бидат сè поголеми и поголеми, а ние како земја сакаме да бидеме енергетски хаб во регионот – изјави премиерот Мицкоски потенцирајќи го значењето на оваа инвестиција.

Поврзани вести