Skip to main content

Мицкоски: Ги укинавме економските директори, обезбедивме раст на плати на здравствени работници

Како што ветивме, ги укинавме нефункционалните економски директори во јавните здравствени установи. Отворивме постапка за вработување на 600 млади специјализанти во здравството. Го зголемивме капитациониот бод на матичните доктори, гинеколози и стоматолози. Обезбедивме раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќање по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“. 

Нашата цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните, подвлече премиерот.

Тој потсети и на проширената Позитивна листа на лекови, реновирани здравствени објекти и клиники, како и на набавената современа медицинска опрема.

Во делот на животна средина, овозможивме низа мерки. Изработивме планска програма за почист воздух 2025 – 2030 за долгорочни мерки и решенија каде се опфатени сите важни аспекти за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и постои системски приод што гарантира резултати на краток, среден и долг рок. Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина. Обезбедивме 10 милиони евра за замена на системи за греење со еколошки во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Работиме на подобрување на водната инфраструктура на општините преку 50 милиони евра. Обезбедивме 55 милиони евра за изградба и модернизација на регионални системи за управување со цврст отпад во пет региони со изградба на нови и санација на постоечки депонии, трансфер-станции и центри за рециклирање, додаде премиерот.

Тој кажа дека преку Министерството за локална самоуправа се отпочна со најголемиот капитален проект за капитални градби по општините.

Мицкоски информира за 288 одобрени проекти за општините од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика.

Огромен интерес на вториот јавен повик – 887 проекти во 80 општини се во фаза на евалуација. 129 реализирани проекти за рамномерен регионален развој на Македонија, изјави Мицкоски

Премиерот рече дека образованието треба да биде нашето најсилно оружје за раст и обезбедување на иднина.

За првпат после седум години во учебната година 2024-2025 се започна со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Испечативме над 100 нови наслови за средното стручно образование. Изградивме седум нови училишни објекти. Реконструиравме 20 училишни објекти. Изградба на четири училишни спортски сали, додаде Мицкоски.

Тој рече и дека студените добиваат нови згради – се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, како што нагласи, инвестициски циклус од две милијарди денари.

Најголем влог во образованието досега – обезбедени 38 милијарди денари за образованието во 2025 година. Обезбедивме 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година. Обезбедивме 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите што соработуваат со академската и научната фела. Обезбедивме на бесплатен пристап до научните бази SCOPUS и WEB OF SCIENCE за сите научници, професори и студенти на државните универзитети, со што на располагање ќе имаат литература и трудови што ќе го стимулираат нивниот труд и креативност. Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и за сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и за постдипломците. Обезбедивме на над 12 проценти повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14 отсто повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60 проценти во следните четири години, додаде тој.

Мицкоски кажа и дека во тек е темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“  во вредност од 17 милиони евра. Обезбедени биле 50 милиони евра за 1.570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта.

Премиерот кажа и дека се продолжило да се развива информатичкото општество.

За една година обезбедивме 120 нови електронски услуги за граѓаните на националниот портал uslugi.gov.mk. Со измените на законот за електронски документи, електронски издадените документи се сметаат за еднакво важни како и оргиналот. Се обезбеди Закон за сајбер безбедност. Државата за првпат добива закон за безбедност на мрежи и информациски системи. По повеќе од 12 години, издавачите на онлјан медиуми- интернет-публикации се препознаени во новиот Закон за медиуми, подвлече премиерот пред присутните.

Во делот на спортот, Мицкоски кажа дека реконструирани се 15 мултифункционални игралишта во повеќе градови во државата и изградени се 15 спортски центри низ цела земја. Откочен бил проектот за изградба на пет базени, доделени биле 500 стипендии „Спортска надеж“ наменети за млади талентирани спортисти.

Македонскиот спорт поддржан од државата со 20 милиони евра средства што Министерството за спорт ги исплати директно на спортистите и на спортските субјекти, изјави Мицкоски

Тој истакна дека во делот на културата е откочена изградбата на „Стариот театар“ во Струмица.

Почнавме реконструкција на поранешно кино „Партизан” во Битола при НУ Народен театар – Битола, инвестицијата е вредна 96 милиони денари. Се откочува и градбата на Универзалната сала во Скопје. Воведен е чартер лет со туристи на авиокомпанијата „Freebird Airlines“ од Германија за 35.000 туристи годишно, во рамките на потпишаниот договор за соработка со германскиот тур-оператор „РСД“. Го продолживме проектот за возобновување на Свети климентовиот универзитет на Плаошник. По седум години запоставеност, повторно е отворен комплексот „Македонско село“, што ја прераскажува македонската културата, автентичната архитектура и традиција, додаде Мицкоски.

Како што подвлече премиерот, во делот на администрацијата е спроведена акцијата – „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ за отворен, темелен и партиципативен процес на сите засегнати страни при изготвување на законите

Формирање на Академија за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат и капацитет да обезбедува стандардизирана, професионална и континуирана едукација за јавната администрација на национално и локално ниво, додаде Мицкоски.

Поврзани вести