Skip to main content

Мицкоски: Државата беше во „празни ходници“ – борбата против корупцијата ќе биде жестока и правична

„Минатата власт ја остави државата во празни ходници и полни изговори. СДСМ падна на 125 илјади гласови. Но, сето тоа е училиште за нас — не само како не треба, туку како не смееме да дозволиме некогаш повторно да се случи,“ рече вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Скопје во рамките на кампањата за локалните избори.

Мицкоски се осврна на предизвиците со кои се соочувале откако ја презеле власта, опишувајќи ги првите седници како низ суштински, но невидливи битки за консолидирање на државата.

„Памeтам кога ја презедовме Владата — какви расправи имавме, просто човек да не верува што се моравме да сториме малку по малку за да ја консолидираме државата. Тоа беа работи што не се гледаат на насловни страници, но од нив зависи секоја лента што некогаш ќе се сече, секој проект што ќе се изроди и секоја мерка која ќе донесе подобро,“ рече тој.

Како конкретни примери од првите седници, Мицкоски наведе барања за исплата плати за вработените во „Македонски шуми“ и за субвенции за земјоделците кои со години не ги добиле своите средства, како и итни барања од клиниките за набавка на лекови и основни материјали. Тој повика на трпеливост, но и на решителност:


„Јавноста понекогаш сака брзи реакции и резултати и оправдано — но државата се гради како мост: чекор по чекор, со посветеност и работа.“

Премиерот најави дека земјата влегува во „фаза на резултати“, но нагласи дека таа не може да започне без одлучна борба против корупцијата.

„Да бидам кристално јасен: борбата против корупцијата не е слоган. Таа е тест за нашата совест и легитимитет. Ќе има еднаквост пред законот и одговорност за злоупотреба, без оглед на функција, партија или препорака. Држава без доверба е куќа без темел. А доверба нема без правда. И ова е нашиот завет,“ рече Мицкоски.

Тој го опиша корупцијата како „најскапата даночна стапка“ која, кога ќе се искорени, ќе ослободи пари за јавни потреби — градинки, училишта, возила за брза помош, лаборатории, локални патишта и болници.

„Затоа мораме сите заедно да се бориме жестоко,“ порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Говорот на митингот во Скопје беше дел од кампањската низа на средби со граѓаните, при што Мицкоски повтори дека секој стисок на рака и секој глас претставуваат договор и обврска: да се работи сериозно, посветено и со цел да се врати довербата на граѓаните.

Поврзани вести