Skip to main content

Мицкоски бара дијалог со сите општествени фактори: Не мислам на лидерска средба туку на мислења од академиците, професорите, младите

Системот е трул и нефункционален, оптоварен е со многу отстапки, неразумни компромиси, со силувања и разочарувања, поради што не е само  потребна мобилизација на политичките елити, туку и длабока мобилизација на сите структури во општеството. Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата, порача премиерот Христијан Мицкоски на централното чествување на Денот на народното востание – 11 Октомври.

Од Центарот за култура во Прилеп по повод 11 Октомври,  премиерот порача дека е подготвен да го води тој процес и сите да се обединат околу платформа која нема да биде само политичка или економска, туку општествена за целите што сакаме да ги постигнеме како држава.

„Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна, и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува со сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Овој пат говорам за суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес“, рече Мицкоски.

Тој потсети дека во изминатите 30 години државата поминала низ тешки моменти како ембарга, транзиција, воен конфликт, вета, промена на името и дека секој од нив оставал трага врз колективната свест и меморија.

„Никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат поклони на други држави, а и кога ќе добиваат поклони од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса по која ќе нема поправен“, нагласи Премиерот.

Поврзани вести