
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски смета дека трагедијата во Кочани треба да биде поука, да не реагираме секогаш после вакви работи, туку да дека е време да се направи целосен ресет во државата.
Во гостувањето во централниот Дневник на МРТ, Мицевски истакна дека во изработка е нов Закон за експлозивни материи за цивилна употреба, но по случајот во Кочани мораше да се реагира за да се направат интервентни измени во законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Тој додаде дека планирани се одредени целосни промени на закони, меѓутоа не постигнато да се реализираат затоа интервентно се реагира во овој сегмент.
Конкретно, во предложениот закон се утврдува дека не е дозволена употребата на пиротехничките средства определени со закон во објекти и простории од затворен тип. Меѓутоа, не се само овие измени кои што ние ги предвидуваме во ова законско решение. Ќе се промени законот за експлозивни материи за цивилна употреба, а со Законот против прекршоците за јавниот ред и мир се опфаќаат и други сегметни кои што ги тангираат граѓаните“, посочи Мицевски.
Во однос на Анкетните комисии Мицевски вели дека Социјалдемократскиот сојуз наметнува некои теми во јавноста но предлог до Собранието сеуште нема, додека пак иницијативата што Европскиот фронт ја поднел е против уставна и на неа наместо потписи од 20 пратеници колку што треба, потпишани се само 16 пратеници.
Информациите кои што ги имам, она што го поднеле Европскиот фронт како барање во Собранието е надвор од уставните норми. Односно, за формирање на Анкетна комисија се потребни 20 потписи од пратеници, а тие во моментот имаат 16 потписи. И самиот наслов на таа Анкетна комисија, или онаа добивање на информација за состојбите е малку загрижувачка, имајќи во предвид дека Собранието нема, или комисијата сама по себе нема истражна функција. Она што треба собранието да го направи е да дојде до политичките заклучоци врз основа на она што се случувало за одредена состојба, случај или процес“, рече Мицевски.
Мицевски истакна дека ова парламентарно мнозинство е различно од минатото и дека се отворени да зборуваат доколку има некаков предлог согласно Устав и закон и да зборуваме и за Модуларната болница, за онкологија, Беса Транс, Дурмо Турс, но и за јавните набавки во министерството за здравство и за сите отворени и неразрешени ситуации кои се случија во минатото.
Во ситуација кога имаме активна истражна дејност на институциите, негативно е ние да излегуваме и политички, од говорница каде што сме заштитени по правото на збор, да влијаеме или не дај Боже, некако го поништиме процесот на истражни дејствија и постапките кои што ги водат институциите. Сметам дека институциите во овој случај, односно во трагедијата во Кочани, реагираа брзо. Очигледно е дека институциите беа организирани и дека успеаја да изреагираат, да обезбедат одредени состојби во моментот кој што се случуваат и дека понатаму ќе не очекува еден транспарентен процес во којшто ќе дојдеме до одговори на сите прашања“, потенцираше Мицевски.
Мицевски вели дека и по недела дена од разговорите и отворањето на темата сеуште нема официјално барање за лидерска средба и чудно е што сите информации кои што ги добиваат, доаѓаат од медиумите во вид на прашање зошто или како нема средба, додавајќи дека ваквата средба ја гледа како начин за факторизација на Венко Филипче.
Ирелевантно е местото на кое што би се одржало нешто такво. Она што е повеќе отворено како прашање е дека ние од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, до сега немаме слушнато нешто конкретно и отворено да каже по однос на ова што е најавено, односно таа лидерска средба за која што се зборува во медиумите. Несериозно е сите ставови да ги разбираме од медиумите и она што јас го воочувам како факт е дека претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Филипче бара начин да се факторизира како политичар, односно како лидер на опозициона партија. По мене, ваквото барање, во суштина, не е ништо и не испорачува никакви резултати, туку единствена можност е факторизација на Венко Филипче и вовлекување на ВМРО-ДПМНЕ или владејачката коалиција во нешто во што нема потреба во моментот да се влегува“, рече меѓу другото Мицевски.