Skip to main content

Куманово станува дел од проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“

Општина Куманово потпиша техничка и финансиска поддршка во рамки на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“, преку кој ќе се инвестира во пречистителната станица на ЈП „Вововод“ Куманово, информираа надлежните од општината. Проектот, се реализира во соработка меѓу Владата, застапувана од МЖСПП, и Владата на Швајцарија, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO).

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на последната прес-конференција информираше дека потпишан договор за реконструкција на пречистителната станица за отпадни води во населбата Доброшане. Инвестиција, како што соопшти е во вредност од три милиони евра, обезбедени како грант преку Швајцарската амбасада, во рамки на проектот.

Аплициравме за три проекти преку Министерство животна средина за добивање на грантот од швајцарската амбасада. Потпишавме договор за еден од проектите, тоа е најголемиот договор во износ од некаде три милиони евра грант. Средствата ќе се искористат за реконструкција на пречистителната станица во Доброшане, за подобрување на нејзината енергетска ефикасност во делот на инсталирање на систем за фотоволтаици со приближна моќност од еден мегават. На овој начин ќе се ублажат трошоците за електрична енергија кои се најголеми расходи на станицата и ќе се реконструира целата пречистителна станица, изјави Димитриевски.

Целта на севкупниот проект е модернизација на јавните комунални служби преку подобрување на енергетската ефикасност, намалување на загубите и користење обновливи извори на енергија, посочуваат надлежните.

Димитриевски информираше дека преку овој проект, Куманово има поднесено уште две апликации кои се во фаза на евалуација. Едниот се однесува на унапредување на технолошкиот процес во фабриката за прочистување на вода за пиење, со што, како што посочи градоначалникот, Куманово би се доближило до европските стандарди во преработката на вода. Третиот проект предвидува воведување на SCADA систем за електронска контрола на квалитетот на водата и процесот на пречистување.

Проектот, предвидува пристап базиран на продуктивност – преку воведување мерки за оптимизирање на водоснабдувањето, инсталација на енергетски ефикасна опрема, подобрување на податоците и наплатата, како и обуки за управување и развој на капацитетите и процесите во јавните претпријатија.

Пречистителна станица за отпадни води во село Доброшане е почната со изградба во септември 2003 година, а завршена во јуни 2005 година. Целата станица вклучувајќи ги градежните работи и инсталирање на машинската опрема е донација од швајцарска влада во вредност од 10 милиони евра. Станицата располага со капацитет за пречистување на отпадни води наменети за 100. 000 жители. Пречистителната станица во Куманово е една од малкуте во Македонија која суштински функционира и има огромно значење за намалување на загадувањето на реките, не само за Кумановка, туку и за вардарско сливно подрачје. 

Поврзани вести