Skip to main content

Kрилото на Таравaри го обвинува министерот за здравство дека го користи името „Македонија“

Во јасна демонстрација на кршење на Уставот и важечките закони, Министерството за здравство вчера го одбележа отворањето на Здравствениот дом во Илинден со две флагрантни прекршувања – отсуство на албанскиот јазик на официјалните табли и употреба на старото име на државата Македонија, наместо уставното име Република Cеверна Македонија“ – вака реагираа едното крило на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари.

Иронично, додаваат од партијата, „целиот овој спектакл го водеше министерот Албанец, Азир Алиу, кој претставува политички субјект кој тврди дека ги штити интересите на Албанците на власт“.

МИА

-Но, неговото молчење и сервилност вчера, пред таква институционална провокација, го докажува спротивното. Албанскиот јазик беше исклучен од таблата на јавната институција, спротивно на Законот за употреба на јазиците, додека со позадина „Македонија“ – без никаква уставна референца – беше игнориран и Преспанскиот договор, со што се загрози меѓународниот кредибилитет на државата, додаваат од крилото на Таравари.

Оттаму потсетуваат дека церемонијата биле присутни и други владини претставници и самиот премиер Христијан Мицкоски.

-Ова е најјасната слика за политичкото вазалство на ВЛЕН, присутна на власт, но невидлива за правата на граѓаните за кои тврди дека ги претставува. Алијансата за Албанците остро го осудува ова неодговорно институционално однесување и бара итна корекција на ознаките на институцијата, во согласност со Законот за употреба на јазиците.

Исто така, бара јавно објаснување и извинување од Министерството за здравство за употребата на неуставното име на државата, а министерот Алиу да преземе политичка одговорност за незаштитувањето на законските и уставните стандарди.

За Алијансата за Албанците, ова не е само „техничко прашање“ – тоа е продолжение на дискриминаторска и навредлива практика кон албанскиот јазик и уставните права на граѓаните Албанци во Македонија. Доколку денес не се преземат мерки, ваквите преседани утре ќе станат норма. Рамноправноста значи почитување. Почитувањето започнува со јазикот и Уставот. Алијансата за Албанците секогаш ќе биде на страната на граѓаните и во одбрана на нивните права, без компромис и без страв, стои во соопштението од едното од трите крила на АА.

Поврзани вести