Skip to main content

Кошта: Разумно е да и гарантираме на Македонија дека нема да бараме ништо друго по уставните измени

Разумно е на Македонија да и се гарантира дека нема да бараме да прави ништо повеќе подоцна, откако ќе го стори она што сега го очекуваме и сакаме од неа, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта по средбата со бугарскиот премиер Росен Жељазков во Софија.

Македонија долго време работи на овој процес. Го разбирам нивното негодување. Тие го сменија Уставот, го сменија знамето, го сменија и името на земјата и секако очекуваат да се конкретизира пристапувањето. Но, она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат, додаде Кошта.

Тој истакна дека лично е ангажиран и разговара со властите во Софија и во Скопје и дека очекува по завршувањето на изборниот период во земјава да продолжат разговорите и „некако да се постигне напредок во овој процес“.

Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме владите да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни. Тоа може да ги подобри условите и конкурентноста во двете економии. Да се поврзат двата народа, рече Кошта.

Според него, пристапувањето кон е ЕУ е процес кој бара многу и е многу тежок, при што треба да се спроведат реформи, но најважно е да се промени начинот на размислување.

Најважното нешто во регионот е одлуката дека само самиот регион може да ги надмине конфликтите од минатото и да се фокусира на заедничка иднина. И тоа е најважното нешто. Кога има каков било сомнеж дали е тоа можно, секогаш запомнете како всушност е родена Европската Унија. Нашата Унија е родена од пепелта на Втората светска војна, кога Франција и Германија, по три драматични војни, одлучија да ги надминат конфликтите и да работат заедно за изградба на заедничка иднина, истакна Кошта.

Тој оцени дека регионот мора да го следи тој пример и да продолжи понатаму за да отвори нова страница за просперитет и мирна иднина за сите.

Жељзаков од своја страна нагласи дека Бугарија и со одлука на Собранието потврдила дека нема да поставува никакви други барања за земјава.

Се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да биде вклучена во Уставот на Република Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи ова е предуслов за да продолжат по патот кон полноправно членство (во ЕУ), додаде Жељазков.

Поврзани вести