Skip to main content

Конкурс за студентски стипендии за странски државјани за 2025/2026 година

Kimberly

Скопје, 11 јуни 2025 (МИА) – Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување 50 студентски стипендии за странски државјани кои се од интерес за Република Македонија, за студиската 2025/2026 година. Стипендиите им се доделуваат на странски државјани со македонско потекло кои живеат во Албанија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Турција, Романија, Црна Гора и Грција.

Како што објави МОН, стипендијата се доделува за додипломски студии од прв циклус за онолку семестри колку што се предвидени со статутите на државните универзитети: „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „Мајка Тереза“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово.

На корисникот на стипендија целосно му се надоместуваат трошоците за студирање: уписнина, бесплатно сместување и исхрана во студентски дом, месечна стипендија, примарно здравствено осигурување, трошоци за издавање и продолжување на дозвола за привремен престој на странец заради студирање. Министерството за образование и наука определува во кој студентски дом ќе се смести кандидатот кој се стекнал со право на стипендија. Стипендијата не вклучува дополнителен период за подготвителна настава за македонски јазик, се наведува во објавениот конкурс.

За подетални информации за условите и потребните документи за конкурирање, кандидатите може да се обратат до дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во наведените држави. Пријавите и потребните документи се доставуваат до ДКП-та во државата во која кандидатот живее, најдоцна до 31 август 2025.

Во објавениот конкурс се наведени критериумите и начинот на аплицирање и документите кои кандидатите треба да ги достават заедно со пријавата.

Избраните кандидати кои нема да пристигнат во Република Македонија подоцна од 10 дена од објавувањето на конечната листа на добитниците, ќе се смета дека се откажале од добиената стипендија, стои во објавениот конкурс.

Поврзани вести