
Наместо да се консолидира и да понуди сериозна политичка алтернатива како опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија сè подлабоко тоне во хаос од конфликти, пресметки и обвинувања, отворајќи фронтови со медиуми, новинари, поранешни функционери и истакнати сопствени членови.
Во последните недели, СДСМ практично влезе во отворена војна со јавноста, покажувајќи дека не трпи критика и дека секој што ќе постави незгодно прашање веднаш се прогласува за „непријател“, „платеник“ или „дел од туѓи сценарија“.
Пресметка со медиумите: Алфа, Република и „неподобните“ новинари
Особено алармантен е судирот на СДСМ со медиумите, меѓу кои Алфа телевизија, порталот „Република“, „Курир“, „Нетпрес“ кои во континуитет објавуваат критички текстови за состојбите во партијата. Наместо аргументиран одговор, од Бихаќка следуваат напади, дисквалификации и обиди за диктирање на уредувачката политика, со директна вклученост на партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Во оваа пресметка, СДСМ отиде чекор понатаму, ставајќи етикети и врз новинари и јавни личности, меѓу кои Богдан Илиевски, кој беше јавно таргетиран поради критиките кон партијата, како и Бранко Героски, со кого СДСМ влезе во отворен конфликт откако тој почна да објавува информации и коментари кои не се вклопуваат во официјалната партиска линија.
Овие напади не поминаа незабележано. Новинарските здруженија предупредија дека политичките притисоци и напади врз медиумите директно ја загрозуваат слободата на изразување, но СДСМ, наместо да се повлече, ја заостри реториката.
Внатрешен распад: Сопартијците стануваат мета
Паралелно со судирите со медиумите, СДСМ води и внатрешна војна. Сè погласни се критиките од поранешни и актуелни членови, кои јавно укажуваат на монополизација на одлуките и затворање на партијата во тесен круг.
Јован Деспотовски, поранешен висок функционер, јавно се спротивстави на раководството и најави правни чекори поради навредите и нападите што ги доби од партијата.
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Скопје, директно го посочи претседателот Венко Филипче како одговорен за состојбите во партијата, предупредувајќи дека СДСМ се движи кон политичко самоуништување.
Критики упати и Костадин Костадинов, кој откако не доби поддршка за втор мандат, отворено порача дека СДСМ мора да помине низ сериозен филтер и длабоки реформи, признавајќи дека партијата ја изгубила врската со членството и граѓаните.
Слични пораки доаѓаат и од ексфункционерот од редовите на СДСМ, Васко Кичевски, како и од други поранешни функционери, кои предупредуваат дека СДСМ функционира како затворена, централизирана структура, во која критиката е непожелна.
Опозиција што се бори со сопствената сенка
Денес СДСМ не нуди идеи, програма или визија. Наместо тоа, нуди конфликти, напади и етикетирања. Партијата која некогаш зборуваше за демократија и слобода на медиумите, денес се пресметува со новинари, телевизии и сопствени членови.
Ова не е политичка стратегија – ова е панична борба за опстанок на раководството, по цена на целосен распад на партијата.
СДСМ денес не е во војна со „непријателите“.
СДСМ е во војна со секој што не молчи.

Македонски




