Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Ќе има ли барем 2% образ Коцевски?

Министерството за правда денеска, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата одржана на 11.02.2025 година презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот.

Ова е само уште еден чекор плус кон збогувањето на јавноста со човекот кој дојде од никаде, веруваме таму и ќе замине и веќе нема да се сеќаваме на него, но затоа неделава навистина е одбележана од него:

Љупчо Коцевски

Во Законот за Јавното обвинителство се вели дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство.

Во состојба кога тоа Обвинителство не поминува ни ден, а да не е вмешано во некаков скандал и наместо место за правда, е поим за неправда, доблесно би било неговиот лидер да се повлече од местото за кое очигледно не го бива.

Арно ама, иако тоа постојано од него се бара, засега не гледаме дека Коцевски планира да се повлече со дигнитет, без да биде разрешен од Собранието. Барем 2% да беше тој образ, исто колку и довербата на јавноста во неговата работа.

Но, којзнае, можеби ќе изненади на крај. Досега видовме дека во животот побавно му одат некои работи. Па, така, овој тетовчанец роден 1960 година на Правниот факултет на УКИМ во Скопје дипломира дури во 1992 година, значи, на 32 години. Правосудниот испит го положил во 1994 година.

Потоа, 13 години работел како адвокат, па за да стане обвинител повторно си зел време. Така, во 2008 година на 48-годишна возраст е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар.

И на позицијата државен обвинител пристигна во последен момент. Имено, само неколку месеци пред ДУИ и СДСМ да заминат од власт на 13.02.2024 година, Собранието го именува Коцевски за Јавен обвинител на Република Македонија.

Освен прес-конференции и интервјуа, реално јавноста и не виде аир од Коцевски оваа една година. Напротив, како што потврдуваат и од Министерството за правда, во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство.

Државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките, информираат од Министерството.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Владата се погрижила 8 месеци ЈО Љупчо Коцевски да има клима за работа без притисоци и со институции на располагање без притисок од некој политички центар.

ЈО Љупчо Коцевски, 8 месеци наместо да се зафати за работа и да почне да ефектуира случаи на висока корупција, тој го преспа периодот. Љупчо Коцевски не само што не отвори постапки за случаи за кои и јавноста и медиумите гласно зборуваа, туку и ги забошоти случаите кои како готови му беа сервирани од разни институции. Љупчо Коцевски наместо во спроведување на законот, се фрли на соработка со СДС. Неминовна е смената на Коцевски, особено по извештајот на Транспаренси, кaде е очигледно дека тој е еден од главните виновници за истиот. Одговорност има, рече денска Бране Петрушевски.

Самиот Коцевски, пак, пред некој месец рече дека тој ќе продолжи да работи „професионално и согласно законите, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се согласно Законот за јавно обвинителство“.

Со други зборови, ако згрешам нека изгорам, па џабе го повикуваат да си оди со крената глава. Веројатно, полесно му е да го избркаат.

Поврзани вести