
Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами денеска го доби уверението од Општинската изборна комисија со кое официјално го почна својот втор мандат.
Тој во изјава за медиумите изрази благодарност за 21 000 гласови добиени од граѓаните, а истакна дека ќе се заложи за реализирање на проектите кои ги вети во рамки на изборната кампања.
На моите сограѓани им ветив дека ќе имаат бесплатен јавен превоз и тоа ќе биде реализирано. На првата седница на новиот состав на Советот на Општина Тетово ќе биде донесена одлуката тетовчани да имаат бесплатен превоз со што ќе придонесеме да имаме поуреден град, да се намали хаосот во сообраќајот, а исто така ќе придонесеме и да се намали и загадувањето – истакна Биљал Касами.
Касами рече дека сите проекти коишто биле почнати пред изборите, ќе продолжат со реализација.
Еден од проектите кој сакам да го спомнам е колектор на отпадните води заедно со филтер станицата во село Фалише, проект со над 40 милиони евра. Веќе сме во завршна фаза за избор на претпријатија, фирми, односно оператори кои ќе го реализираат тој проект, убеден сум дека во раната пролет веќе ќе бидат почнати градежните работи – рече Касами.
Според него, во наредните четири години ќе има нов циклус на развој на градот и на општината.
Со тоа реализација на некои големи проекти мега проекти, како што е градски стадион кој веќе се гради кој во следните две години ќе биде завршен, заедно со многу други проекти, како што е изградба на училишта, изградба на патната инфраструктура, изградба на водоводна мрежа. Со овие проекти ќе докажеме и ќе ги убедиме и најголемите скептици дека во Тетово нема пред и после изборни проекти, значи ќе продолжат да се реализираат со иста динамика – истакна Касами.
Според него, со реализирање на споменатите проекти Тетово повеќе ќе личи на европските градови.

Македонски







