Skip to main content

Јас ја составувам Владата – му порача Мицкоски на Касами откако тој најави можно разрешување на министерот Лимани

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој е дел од коалицијата ВЛЕН како кадар на Движењето Беса, се најде во фокусот на јавна препирка помеѓу лидерот на неговата матична партија Билал Касами и премиерот Христијан Мицкоски, во врска со неговиот ангажман во Владата.

Касами во интервју за ТВ 21 синоќа рече дека голем дел од членството на Беса изразило загриженост за комуникацијата на министерот и дека тој како лидер на партијата може да предложи нов кадар за овој ресор кога на дневен ред ќе дојде реконструкцијата на Владата.

„Дури и во евентуална реконструкција на Владата, првата што ќе се случи, предлозите ќе дојдат од ВЛЕН. И секако, почитувајќи ги предлозите од субјектите што го сочинуваат ВЛЕН“,изјави Касами во интервјуто, прашан дали има овластување да го разреши Фатмир Лимани.

Работата на министерот Лимани, сепак, според најавите, прво ќе биде разгледана на вечерашниот состанок на партиските тела на Беса, за да се утврди каде заостанува раководството на, како што рече Касами, толку важно министерство со цел подобрување на перформансите.

„Сметам дека перформансите на раководителите што ги води Движењето Беса би можеле да бидат уште подобри. За ова ќе разговарам вечерва на состанокот на партиските тела на Беса“,додаде тој.

Коментирајќи ги наводите на Касами, премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека е задоволен од работата на Фатмир Лимани и дека тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Го потсети Касами дека тој е мандатар на Владата и дека тој одлучува кој ќе биде дел од неа.

„Јас сум мандатар на владата и јас ја составувам владата, ако некој тоа го заборавил, еве, јас да го потсетам“,изјави Мицкоски.

Покрај коментарите на сметка на Лимани, во синоќешното интервју за ТВ 21, лидерот на Беса изјави дека во најавената реконструкција на Владата еден од министрите што може да биде сменет е министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го дека се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.

Прашан да ги потврди ваквите наводи, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече:

„Па, не знам, тоа можеби треба да го прашате господинот Билал Касами“.

Инаку, покрај Лимани, Беса во Владата го има и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Поврзани вести