
Денес започнува новата учебна година и во училиштата повторно се враќа детската радост, среќа, љубопитност и натпреварувачка атмосфера. На сите ученици и на нивните семејства, на наставниците и стручните соработници им посакувам среќен почеток и многу успеси во деновите што следат. Сигурна сум дека секој може да ги постигне своите цели, да ги исполни обврските и одговорностите со добро здравје и доволно труд. Ова е пораката која по повод стартот на учебната 2025-2026 година ја испрати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Таа заедно со премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски го посетија основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде на првачињата им доделија ранчиња, униформи и нови учебници.

Јаневска посочи дека Владата и Министерството за образование и наука, заедно со другите надлежни институции и локалните самоуправи се погрижија да бидат обезбедени сите услови за добар старт и квалитетна настава. Како што рече, обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија.
Направени се крупни инвестиции во инфраструктурата онаму каде беше најнеопходно, а најави и дека инвестициите во подобри училишта и спортски сали ќе продолжат во периодот што следи. Започнува образованието за вештачка интелигенција. Се воведува формално образование за учениците кои се на подолго болничко лекување, а золемен е бројот образовни асистенти во основното и за прв пат се воведува образовна асистенција и во средното образование. Во употреба е пуштен и нов електронски дневник, кој повеќе нема да ја попречува работата на наставниците.

Преостанува на учениците да учат, да истражуваат, да прашуваат, да наоѓаат и споредуваат извори на знаења и информации и секако да градат пријателства со нивните врсници. А на наставниците, кои се столбот на образованието, заедно со родителите и старателите на учениците, останува да продолжат да им го трасираат патот кон успехот на новите генерации и да ги учат на вистинските вредности“, рече министерката, повикувајќи на сплотеност во градењето на училишта исполнети со знаење и почит и на средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал. Затоа што, во училиштата денес – се гради иднината на Македонија.
