
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска изјави дека трета година по ред учебниците не претставуваат проблем и дека тие навреме ќе бидат доставени до училиштата пред почетокот на новата учебна година.
Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска истакна дека испораката на учебниците за учениците од прво до трето одделение започнала уште во април и мај, додека во текот на следната недела ќе започне и дистрибуцијата на учебниците за сите одделенија од прво до деветто.
Таа информираше дека досега се испорачани околу 250.000 учебници за учениците од прво до трето одделение, а вкупниот број учебници што ќе бидат дистрибуирани изнесува околу милион и пол примероци.
Министерката нагласи дека Министерството ќе продолжи со ваквиот начин на работа и во иднина, со цел навремено обезбедување на сите потребни наставни материјали за учениците.

Македонски



