Skip to main content

Јаневска: Институтот за земјотресно инженерство е генератор на знаење и квалитетен кадар

Министерство за образование и наука

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија има важна улога во гарантирањето на инфраструктурната стабилност и сигурност, а со тоа и на безбедноста и спокојот на граѓаните. Убедена сум дека и во иднина ќе остане столб на инженерската наука и синоним за безбедност, извонредност и меѓународна соработка, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија по повод 60 години од формирањето на институтот.

Денешната свеченост не е само одбележување на едно значајно времетраење, туку и сведоштво за континуирана научна, образовна и општествена посветеност во служба на јавниот интерес. Институтот остави длабоки траги во развојот на високото образование во Македонија, беше и остана генератор на знаење и квалитетен кадар, на млади истражувачи и научници, а импресионира и истражувачката активност на меѓународен план – особено учеството во европските рамковни програми за истражување и иновации“, рече Јаневска.

Министерката посочи дека улогата на ИЗИИС како признат центар на знаење на меѓународната сцена ја почувствувала лично, при посетата на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC), во март годинава.

Бев искрено горда кога од страна на оваа еминентна институција бевме пречекани со зборовите дека со задоволство би ги „украле“ истражувачите од ИЗИИС. Особено беше нагласена плодната соработка во областа на Еврокодовите – европските стандарди за проектирање и градба. Институтот како активен партнер во нивниот развој и адаптација во земјите од Југоисточна Европа, придонесува кон усогласување на инженерските практики и зголемување на сеизмичката безбедност на објектите во ризични региони“, додаде министерката.

Јаневска изрази благодарност до сите кои учествувале во градењето на институтот, во извршувањето на стручната и во развојот на научната и образовната дејност, а се заблагодари и на оние кои моментов работат и ја продолжуваат успешната институционална мисија.

Сметајте на поддршката од оваа Влада. Имаме особено голем интерес да ја унапредиме научната дејност и затоа годинава одвоивме двојно повеќе средства од минатата, за реализација на научно – истражувачки проекти. Вие сте јавна научна установа и имате 5 лаборатории. Искористете го сиот потенцијал и учествувајте на активните повици на министерството за распределба на средствата во износ од 370 милиони денари за иновативни научни проекти“, рече министерката Јаневска.

Поврзани вести