Skip to main content

Иницијатива за обединет и силен СДСМ: Андреј Петров и Игор Ивановски на чело на партијата?

Поранешни високи функционери на СДСМ се незаводоволни од начинот на кој актуелното раководство управува со партијата, поради што стравуваат дека тоа ќе доведе до стагнација или дополнително назадување. Како што дознава „Фокус“, тие покренале неформална иницијатива, чија цел не е промени по пат на внатрешен конфликт, туку создавање на силен и победнички СДСМ со заеднички сили. Добро упатени извори посочуваат дека оваа иницијатива треба да се подготвува да настапи со политички концепт и кадровска понуда кога ќе созреат услови, при што се проценува дека тој момент би можел да дојде веднаш по следните парламентарни избори. Нашите соговорници велат дел од оваа иницијатива се поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар Андреј Петров, кои речиси идентично размислуваат во врска со политичкиот пат на СДСМ, па не би било изненадување доколку настапат тимски при барање на поддршка за раководење на партијата. Петров одби да коментира во врска со оваа тема, објави Фокус.

Откако СДСМ претрпе убедлив пораз на ланските парламентарни избори, кога постигна историски најлош резултат со освоени околу 150 илјади гласови, нов партиски лидер на местото на Димитар Ковачевски стана Венко Филипче, кој најави консолидација и реорганизација на партијата и нејзино враќање на победнички патеки.

Првиот предизвик и тест за новото сдсмовско раководство на чело со Филипче дојде околу една година подоцна на локалните избори, кога СДСМ повторно доживеа пораз и неуспех, со оглед дека освои само неколку градоначалници, додека на советничките листи освои помалку гласови во споредба со парламентарните избори, со тоа што треба да се има во предвид дека се намали коалицијата на социјалдемократите.

Таквата ситуација резултараше со повлекување на целото раководство на опозициската партија со исклучок на Филипче, кој веднаш по изборите изјави дека ја презел партијата во исклучително лоша состојба и воедно најави дека ќе продолжи да работи на процесот на нејзина консолидација.

Во меѓувреме, дојде до одредени рокади и освежувања во врвот на СДСМ, така што генерален секретар остана Александар Димитриевиќ, нови партиски потпретседатели станаа кандидатот за градоначалник на Аеродром Александар Трајановски и актуелната пратеничка и ексминистерка за труд и социјала Јована Тренчевска, додека довчерашната потпретседателка Ана Чупеска застана на чело на советодавно тело.

Но, додека од Бихаќка порачуваат дека со нови сили, односно со комбинација од искусни кадри и млади лица влегуваат во процес на разоткривање на, како што велат, криминалите и предавствата на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со цел по следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени, да ја преземат власта, во позадина се случуваат и други процеси.

Според неофицијални информации на „Фокус“, покрената е иницијатива од страна на поранешни високи партиски и јавни функционери, кои се незаводоволни од начинот на кој моментално се управува со СДСМ, па дури и се противат на многу политики и постапки на матичната партија.

Добро упатени извори велат дека двигателите на оваа иницијатива, како и оние што ја поддржуваат и се приклучуваат кон неа, изразуваат скептицизам дека актуелното лидерство на партијата може да акумулира поголема поддршка од оваа сега, поради што стравуваат дека партијата ќе стагнира, па дури и дополнително ќе назадува.

Односно, додаваат нашите соговорници, тие сметаат дека ако целта е СДСМ повторно да ја врати старата слава и да дојде во позиција да претендира да ја освои власта, потребно е лидерство и раководство кое без никакви калкулации и компромиси ќе отвори фронт против ВМРО-ДПМНЕ на идеолошка, политичка и други основи.

Сепак, сознанијата до кои дојдовме укажуваат дека оваа иницијатива не е конципирана како иницијатива за промени во СДСМ по пат на внатрешен судир, туку повеќе како иницијатива за создавање на силен и победнички СДСМ, што, според припадниците на иницијативата, може да се оствари само со заеднички сили и низ еден инклузивен процес.

Оттука, посочуваат нашите извори, оваа иницијатива не треба да резултира со изострување на конфликт со актуелниот лидер Филипче, туку треба да подготвува политички концепт и кадровска понуда со кои ќе настапи на сцена кога ќе созреат услови, при што се проценува дека тој момент би можел да дојде веднаш по следните парламентарни избори, без оглед дали тие би биле во редовен или предвремен термин.

Поврзани вести