
Од саботата попладне кога во Неготино во домот на родителите на Апелациониот судија Ѓоко Ристов зад ѕид од цигли и плочки беа најдени 350 илјади евра, никој не кажува каде е судијата и дали ќе се бара притвор за него. Се чека Обвинителството за гонење за организиран криминал и корупција да каже дали Ристов е обезбеден, откако поминаа повеќе од 24 часа од претресот и се поголеми се сомнежите и шпекулациите дека е надвор од земјава.
Последните информации од ОЈОГОКК се дека се продолжува со постапувањето и дека јавниот обвинител, деновиве ќе процени за мерките за обезбедување на присуство на судијата.
Од Судскиот совет пак има најави дека денеска ќе свикаат седница на која треба да се одлучува дали ќе му биде симнат имунитетот.
– Советот одлучува за одземање на имунитет на судија во случаи утврдени со закон, на седница на Советот со најмалку седум гласови на членовите на Советот со право на глас. Советот на седница одлучува со најмалку седум гласови од вкупниот број членовите на Советот со право на глас по барањето за одобрување на притвор на судија, односно по известувањето дека судијата е притворен. Постапката во која Советот одлучува за одземање на имунитет на судија е итна и се спроведува во рок 24 часа од доставеното барање, односно известувањето за притвор – се вели во Законот за судски совет.
Таму пак, пред да му бидат најдени парите имало претставка за наводно земено мито од обвинетиот Исмет Гури од ДУИ и анонимни известувања од вработени во Апелација, но нема никаква постапка против судијата во Судски совет. Нема информации од институциите дали Ристов бил повикан во полициска станица, а тоа што се молчи ги зголемува сомнежите за политички пазарења и влијанија со оглед на тоа што Ристов водеше и одлучуваше во предмети поврзани моќни бизнисмени и политичари за време на владеењето на двете најголеми партии.

Македонски




